Нов филм на Манчевски! Погледнете го трејлерот

Нов филм на Манчевски! Погледнете го трејлерот

„Бикини Мун“, петтиот игран филм Милчо Манчевски, ќе има светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, најголемиот фестивал во Латинска Америка и еден од најголемите во светот, на 21 октомври. Филмот ќе игра во програмата специјални презентации, објави фестивалот. Манчевски ќе биде присутен за разговор со бразилската публика и за дискусија за моралноста и документарниот филм.

Куриозитет е дека за првпат играат два филма од ист автор на еден фестивал – светска премиера на „Бикини Мун“ и бразилска премиера на кусиот експериментален „Крајот на времето“.

Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ што освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и Латинска Америка тие се дел од наставната програма.



„’Бикини Мун’, што има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите. Инспирација беше доминацијата на снимање денес - од прислушување на Големиот Брат до селфи на Фејсбук. ‘Бикини Мун’ - како и моите досегашни филмови – зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија)“, вели Манчевски за „Бикини Мун“.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада.

Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учестува Македонија.

Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија наШекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“. Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е прв долгометражен филм на Манчевски во САД после епизодата на серијата ПРИСЛУШКУВАЧИ (THE WIRE) која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година. По студиите во САД, Манчевски живее во Њујорк од 1985 година, каде е неговото професионално формирање и каде освои награда на музичката телевизија Ем-Ти-Ви за спотот „Тенеси“, потоа прогласен за еден од 100-те најдобри во историјата.

Манчевски сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж.

Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.

Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција и номинација за Оскар.

Манчевски е добитник и на почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.