Со злоупотреба на антибиотиците создадовме супербактерии: Кои се суперубијците за кои итно ни треба лек?

Со злоупотреба на антибиотиците создадовме супербактерии: Кои се суперубијците за кои итно ни треба лек?

Подготвил: Н.Ф.

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако продолжиме неконтролирано да употребуваме антибиотици, да ги злоупотребуваме лекувајќи се на своја рака или да третираме вируси со нив, во блиска иднина ќе нè убиваат и банални инфекции. Научниците алармираат дека така се создаваат т.н. супербактерии, на кои не може да дејствува ниту еден антибиотик. Светската здравствена организација објави листа со 12 бактерии чии соеви се сметаат за огромна закана за здравјето зашто станале отпорни на повеќето антибиотици и за кои, што е можно побрзо, треба да се најде лек. Во Македонија ги има сите, како и нивните најопасни соеви. И кај нас тие усмртуваат луѓе, особено кога ќе нападнат организам со слаб имунитет.


Фото: Pixabay

Мутираат и стануваат сè посилни

Отпорноста на антибиотиците, кога тие не дејствуваат како што треба за да се излекува пациентот, се нарекува антибиотска или антимикробна резистенција. Ако не си ги промениме навиките и продолжи злоупотребата на антибиотиците, во иднина, велат научниците, многу операции, како на пример царски рез, трансплантација на органи и ткива, вградување вештачки колкови и зглобови, па дури и хемотерапија или лекување во болница кога организмот има слаб имунитет, можат да станат поопасни и смртоносни зашто антибиотиците ја губат својата сила и отпорност.

Фармацевтската индустрија долго време не може да се пофали со нови листи на антибиотици, па објавувањето на листата на СЗО е и повик до фармацевтите своите истражувања да ги насочат во правец на борба против отпорноста на бактериите на антибиотици. Со текот на годините, пак, за да се излекува некоја инфекција, потребни се сè поголеми и поголеми дози од некој антибиотик.

Бактериите, поради честото пиење антибиотици, толку мутирале, што имаат вградени механизми со кои бараат нови начини на преживување, а плус опасност е што тој генски материјал може да го пренесат и на други бактерии.

За кои бактерии најитно ни треба лек?

Опасните бактерии на листата на СЗО се поделени во три групи. Како најопасни се прогласени соеви на три: Pseudomonas aeruginosa, Enterobacteriaceae и Acinetobacter baumannii. СЗО вели дека наоѓањето „убиец“ за нив е апсолутен приоритет.

Шест бактерии се на листата за висок приоритет: Enterococcus faecium, Helicobacter pylori, Salmonela, Campylobacter, Staphylococcus aureus и Neisseria gonorrhoeae.
Во категоријата за среден приоритет за наоѓање лек се соеви на: Shigelle, Haemophilus influenzae и Streptococcus pneumoniae.

Токму овие може да станат најголеми убијци ако во релативно кратко време не се најдат лекови со кои ќе се лекуваат инфекциите што ги создаваат.
- Сите овие бактерии ги има во Македонија и нивни опасни соеви предизвикуваат смртност. Резистенцијата на антибиотици е сериозна работа. Мора да работиме на тоа да не се злоупотребуваат антибиотици – вели микробиологот проф. д-р Никола Пановски.

Во Европската Унија умираат по 25.000 лица годишно поради напади на супербактерии. За споредба, во сообраќајни несреќи умираат 35.000. Кај нас ваква евиденција не се води.

Далеку сме од Скандинавците

Во Европа најниски стапки на резистенција има во скандинавските земји.
- Кај нас антибиотици се даваат двојно помалку од порано, што е добро, но и понатаму примаме двојно повеќе од северните земји. Значи имаме уште многу работа – објаснува д-р Пановски.

Во скандинавските земји антибиотик добиваат 30 проценти од пациентите што се соочуваат со респираторни инфекции, а таму се смета дека овој процент е висок и треба да се намали.
- Се забележува стагнирање или благо опаѓање на потрошувачката на оваа група лекови во последните две-три години. Од тоа може да бидеме задоволни, но свеста мора уште многу да се развива - објаснува професорот.

Вируси не се лекуваат со антибиотици

Антибиотиците се примаат за да излекуваат бактериска инфекција. Секоја бактериска инфекција се лекува со посебен антибиотик, затоа е многу значајно да се открие која бактерија ја направила инфекцијата. Доколку тој се погреши, не само што нема да се излекува, туку ќе се изгуби драгоцено време во лекувањето, инфекцијата ќе се зголеми, а организмот ќе стане поранлив.

Македонските пациенти, а и дел од лекарите, најчесто грешат кога вирусите ги лекуваат со антибиотик. Овие лекови не дејствуваат на вируси, па залудно се земаат кога има вирусна инфекција. Од друга страна, во тој момент се уништуваат „добрите“ бактерии во организмот и пациентот станува поранлив и е подложен на нови разболувања и инфекции.

Сами правиме посилни непријатели

За сликовито да објаснат каква е дополнителната опасност од злоупотребата на антибиотиците, научниците велат да ги замислиме како војници, а инфекцијата како непријател. Доколку војниците го нападнат непријателот со погрешно оружје, ќе ја изгубат битката. Во исто време бактериите кои го создале непријателот на организмот, ќе станат посилни и ќе мутираат приспособувајќи се на напади од различно оружје. Новите мутации, или супербактериите обично се јавуваат во болнички услови и усмртуваат веќе заболени.

Се смета дека ако светот не реагира веднаш за антибиотската резистенција, супербактериите ќе усмртуваат по еден човек на секои три секунди до 2055 година.