КОЛУМНА: ЏИШ #3 - Моќ!

КОЛУМНА: ЏИШ #3 - Моќ!



Колумна на Марија Грубор

Пред некој ден се зафркавав со една блиска другарка дека ако некогаш родам дете, во периодот кој следи после физичкиот напор, би имала поголеми шанси да развијам форма на тзв. пост-породилна агресија, наместо вообичаената и многу трауматична тзв. пост-породилна депресија.

Ова се „нови“ термини во нашата популарна и медицинска култура, кои за жал, уште повеќе го зголемуваат јазот меѓу различните делови и функции на умот и телото, подарокот (Тројански коњ) од Јавачите на Атомизацијата во западните цивилизации.

На глобално ниво, иако веќе постои мноштво од старо-нови, свежи струи посветени на празнините створени од опсесивната дефрагментација, во пракса сме многу далеку од возобновување на вистинска холистичка парадигма како главен дискурс во општествата.

Меѓудругото, она што многумина активно или пасивно одбиваат да го согледаат е дека агресијата и депресијата се две антагонистички близначки засекогаш поврзани со истата папочна врвка. А тоа, во превод, значи дека било која од двете го содржи клучот за влегување во спротивната; истовремено, тие се, барем според моето видување, нешто како лончето и капачето кои заедно го исполнуваат со содржина концептот на моќ. Затоа и го шлапнав оној извичникот (!) во насловот.

Да се обидеме да ја сфатиме агресијата како импулс, порив, потенцијал/тенденција, намера, израз, па дури и во крајна линија – принцип кој вирее во сѐ што живее. Да речеме дека, притоа, сите љуѓе и нељуѓе ја имаат својата автохтона сорта на „примитивна моќ“, т.е. агресија, т.е. импулс за грабање, прождирање или гризење, што би рекле Ф. Перлс и една од моите наставнички по Суперхеројство, Л. Зорба.

Оттука, би требало подеднакво да нѐ вознемируваат (лутат е сепак пресилен збор) одредени логички неконзистентни адвокати за апсолутните права на животните, просечно фанатични вегани или raw вегани (молам за внимание: јас самата сум hc вегетаријанец во транзиција кон флекситаријанец), too-friendly-in-a-creepy-way њу-ејџ хипици, радикални миротворци, припадници на парчето од анархистичкото виножито кое го негира личниот развој како релевантен фактор во животот, како и жени со хроничен синдром на Балканска Сѐмајка и нивните сопрузи со ексклузивни мачо-варијанти на Patres Familias.

... освен ако не се пронаоѓаме во некоја од овие улоги – К. Г. Јунг би рекол дека во тој случај би биле ептен вознемирени и увреџени.

*

Според бонус мудроштината на оваа среда (наградната игра е отворена само за оние кои ќе помислат „Гледам супер бинго“ додека ја читаат колумнава), сосема е во ред да ја почувствувате сопствената агресија. И не само тоа, туку во ред е и да се обидете – свесно, намерно и целисходно координирано – да ја изразите. Притоа, на располагање ви стојат методи од типот на сублимација, катарза, физичка пресметка, одмазда и саботажа (ако го притиснете ова копче, многу е веројатно да „паднете во гробот кој сте го ископале за друг“), самоубиство, тим билдинг во Врановци, општонародна токсичност кон себе и околината, апла тероризам, одгледување кактуси, одгледување чир на желудник, и слично. Google it or just visit that library at last.
Ако не сте баш расположени во моментот (болки во желудник? хмм.), барем мапирајте го некаде во умот оној кладенец на народна мудрост содржана во зборовите на Carrie Fisher, “Take your broken heart, make it into art.” Велат дека секој еденипол човек на светот е уплашен од „вибрираањето“ на неговата лична, неотуѓива, животна, животинска, исконска моќ
или нагон за живот,
која понекогаш испливува на површината на свесното како производ
излиен во стар, излитен калап за агресија,
и истиот се плаши од бол
истиот се плаши од слобода
истиот се плаши од волја
истиот се плаши од живот.

*

'When you're creating your own shit, man, even the sky ain't the limit.'
- Miles Davis

Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.