КОЛУМНА: Далеку е Америка

КОЛУМНА: Далеку е Америка

Лектор: Ивана Кузманоска


Фото: Pixabay

Колумна на Виктор Ефтимов

Далеку е Америка, одел пеш или на магаре. Всушност, изборот не е ни битен; луѓево овде и онака се убиваат од работа ко магариња, а далеку е таа Америка без разлика како си тргнал натаму. Дури и кога си решил дека нема да одиш, некој друг ќе отиде наместо тебе – и тогаш пак ќе ја чувствуваш како далечна. Не затоа што си останал тука, туку зашто сите останати веќе заминале; а не е толку туѓа земјата колку што се отуѓуваат оние што таа ќе ги проголта.

Имено, станува збор за еден мој пријател. Иако се познаваме од неодамна, никулците на едно цврсто и искрено пријателство меѓу нас двајцата сосема бргу изникнаа. Патоказите нè вкрстија за време на лето, а година-две подоцна во истиот период и нè разделија. Мојот продолжи да покажува кон мајковината, а неговиот го одведе до таа Америка. Отиде еднаш на печалба – се врати, отиде уште еднаш – Америка го спечали него.

Оваа вест ми ја соопшти пред неколку дена и бидејќи ми е од големо значење, како таква заслужува и големо внимание. Не како критика на сè што е тука расипано, туку како потсетник дека гнилежот може да се изглода до коска за да нарасне новото месо; со што неговите причини за емиграција ќе исчезнат и еден ден тој ќе се врати дома.

Впрочем, за вистинската причина (ако е можно нешто само по себе да има толкав учинок) не знае ни тој самиот. Напротив, вели, дека повеќе нешта веќе подолго време се натрупувале едно врз друго, сè додека не попукале темелите, па одлучил да замине и да не се враќа, барем не наскоро. Притоа, не смета дека животот овде не бил убав, меѓутоа, постепено се претворил (го цитирам) во отслужување на затворска казна каде што ниту решетките, ниту слободата биле присутни. Постојано барал работа, напоредно со факултетот, за колку-толку побргу да се осамостои, но честопати залудно; а оние малкупати кога конечно ќе успеел да ја пронајде – платата била минимална на сметка на преголемиот број работни часови. Дури, стравувал и дека ќе остане невработен откако ќе дипломира, па затоа решил да бара друго чаре, и ете, го нашол далеку во таа Америка.

Од другата страна на картите, вели дека имало и друга побитна причина која не била есенцијална за неговото преживување, ами за неговиот опстанок и дека бил морално обврзан да ја удоволи. Тоа биле потребата и копнежот да прошета низ светот, да осознае нови нешта и да доживее нови искуства. Оваа ненадејна одлука да остане далечен - наместо да се врати, можеби изгледала како избрзана, но тој е убеден дека го направил вистинскиот потег и дека сега се чувствува послободен и посреќен од порано.

За крај, додава, дека едното претставувало негова лична должност, додека, пак, другото должност на државата. Но, државата не чинела – па морал да ја замени со таа далечна Америка.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.