Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Тим Кук од „Епл“ ќе го менува светот, еве како

 

Тим Кук
(Фото: Getty images)


На неодамнешното претставување  на „ајфон 8/8 плус“ и „ајфон икс“, меѓу другото „Епл“  ја претстави и новата технологија АРКит, која виртуелните објекти ги пренесува во реалниот свет. Оваа технологија е револуционерна токму каков што беше „ајфонот“ пред десет години, вели Тим Кук за британскиот весник „Индипендент“.

„Епл“ стои зад неа, како и зад мисијата светот да го направи подобро и барем малку помагично место, вели Кук.

Тоа го прави благодарение на проширената реалност која функционира така што го истражува и го мапира реалниот свет, па потоа во него ги сместува виртуелните објекти.

Новата технологија АРКит на „Епл“ работи на тој начин што преку „ајфонот“ добива детална фотографија од опкружувањето, што на девелоперите им овозможува во него да ги осмислат виртуелните објекти.

Еден добар пример за нова технологија е новата апликација на ИКЕА, која овозможува луѓето во сопствениот стан да го пробаат виртуелниот мебел кој сакаат да го купат, да го преместуваат и да го менуваат.

Кук вели дека благодарение на тоа ќе се промени и самиот процес на купување и тоа во сите аспекти од трговијата.

Според неговото мислење, проширената реалност ги поврзува традиционалното и онлајн-купување, така што го „оживува“ производот во комфорот на домот на купувачот.

Апликации засновани на проширена реалност се добри и за образование, бизнис и навигација, а Кук смета дека ќе ги користат буквално сите.

Тој истакнува дека „Епл“ не создава апликации за проширена реалност, туку рамка во вид на сензор и софтвер, што ќе им биде од помош на програмерите сами да осмислуваат додатоци за мобилните телефони.

„Сакаме да го симнеме товарот на сложеноста на софтверот и да им овозможиме на луѓето да добиваат добри идеи“, вели Кук.

Секој девелопер што прави апликации за „ајфон“ сега може да ја користи АРКит и со леснотија да направи виртуелен свет за неколку седмици.

„Тоа значи дека ’Епл‘ може да посади многу семиња“, вели Кук, имајќи предвид дека на платформата на „Епл“ работат повеќе од 15 милиони девелопери низ светот.

„Нашата конкуренција се обидува да се спротивстави на она што го направивме“, вели Грег Јосвијак, потпретседателот на компанијата за ајос, ајпад и ајфон маркетинг. „Но, тие не го прават тоа во овие размери.“

„Андроид“ е поголем, но фрагментиран, така што „Гугл“ не може да знае колку долго ќе биде потребно новите апликации да стигнат на телефоните. Со оглед на тоа што „Епл“ и „Самсунг“ се во трка за првото место на светскиот пазар, јасно е зошто толку посветено се работи на проектот кој би требало да ѝ донесе предност.

Во прилог на „Епл“ е тоа што е единствена компанија што прави софтвер и хардвер за своите телефони. „Гугл“ тоа го прави со својата Пиксел линија, која има добри ВР опции, но тие телефони не се продаваат во големи количини.

Конкуренцијата на „Епл“ не може на тој начин да ги контролира и хардверот и софтверот. „Епл ги интегрира и едното и другото, додека Еп стор ја покрива страната на серверот. Мислам дека ова тешко ќе им падне на другите играчи“, вели Кук.

Засега АРКит живее само на ајос и може да се користи само на „ајфон“ и на „ајпад“.

„Уредите мора да имаат силни процесори и многу различни сензори за да можат да извршуваат вакви задачи. Бидејќи сето тоа го имаат на „ајфонот“, девелоперите веднаш можат да сметаат на стотина милиони потенцијални муштерии. Да беше на друг уред, тогаш никогаш немаше да има комерцијална корист“, вели Кук.
 
Објавено на 12.10.2017 во категорија Технологија
Подготвил: Б.Б. / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook