Чудни професии за кои не сме ни помислувале дека ќе ги преземат роботите

Чудни професии за кои не сме ни помислувале дека ќе ги преземат роботите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Роботите ќе ги преземат нашите работни места – ова не е параноја, туку во моментов се смета за факт. Сè повеќе фабрики се автоматизираат, автомобилите сами се управуваат, а беспилотните летала почнуваат да го пополнуваат небото. Некои професии веќе исчезнуваат, а некои се заменети од роботи. Ова е листа со професии за кои никој не би очекувал дека ќе ги преземат роботите:


1. Будистички монаси

„Пепер“ е робот што работи на „Андроид“. Висок е 120 сантиметри, а првично бил создаден за „богохулна“ употреба - служење суши и помагање на клиентите во банката. Но денес компанијата создала нова верзија од овој робот, како „поевтина алтернатива на човечките свештеници - свештеник со дигитален попуст“.
За одредена сума пари луѓето можат да го најмат роботот за да извршува активности на свештеник. Постојат 10.000 вакви роботи во светот, па за нив постои и пазар.



2. Фанови на бејзбол

Корејски бејзбол-тим почнал да го полни својот стадион со роботи. Откако губел на низа натпревари, почнал да ги губи своите фанови и да не продава доволно билети за натпреварите. Па така, креирал роботи што ги пополнуваат празните седишта. Фановите што не се во можност да дојдат на натпреварите, можат дури и да се логираат на роботите преку интернет и нивните лица ќе се појават на машините.

3. Ректален асистент

Ваквите роботи се креирани во Лондон и имаат цел да бидат модели на кои студентите ќе се обучуваат за ректален преглед. Направени се со анатомија иста како човечката, па преку нив докторите можат да видат како нивните студенти и стажанти напредуваат со обуката. Роботот има и екран кој покажува што се случува внатре.

4. Човечки роботски задници

Компанијата „Самсунг“ користела вакви роботи бидејќи им бил потребен некој да седне на нов модел на телефон за да се докаже дека не може да се свитка. Вакви роботи креирале и други компании, во најголем број оние од областа на порнографијата. Роботите имаат и далечински управувач.

5. Бебиња

Во Јапонија роботите дури ги заменуваат и бебињата. Сè повеќе млади лица не стапуваат во брак, па често се одлучуваат за бебе-робот. Ваквите роботи се креирани за да ја заменат емоционалната поврзаност помеѓу мајката и нејзиното бебе. Дизајнирано е да се однесува како дете кое учи да оди и да ги поттикнува мајчинските инстинкти. Никогаш не плаче и е доволно мало за да го собере секаде.

фото извор: Franck Robichon/EPA

6. Критичари на храна

Поранешната премиерка на Тајланд се прејала со евтини имитации на таи-храна околу светот, па барала нешто да се преземе во врска со тоа. Побарала итен состанок со владата и донеле одлука да креираат робот кој ќе функционира како критичар на храна и ќе ја евалуира таи-кујната. Го одредува квалитетот на храната врз основа на идеалите поставени од страна на владата и дава математички резултат.

7. Менаџери за продажба

Една компанија создала робот кој се занимава со телемаркетинг. Роботот е одлично програмиран, па дури и кога некој поставува прашање дали разговара со човек, роботот одговара со насмевка дека се работи за вистинска личност. Сепак, ако зборувате за нешто друго освен за животно осигурување, тогаш роботот е збунет.

8. Музички композитори

Следниот голем хит можеби ќе биде напишан од робот. Веќе е креиран робот кој може да компонира и да свири сопствена музика. Се работи за машина која слуша музика и ја користи како инспирација за да изработи сопствена. Користи длабоки нервни системи за учење за да декодира различни типови музика, да ги анализира шемите, а потоа да креира оригинална песна. Креаторите на роботот сметаат дека ваквиот уред во иднина уште повеќе ќе се развива и почесто ќе се користи.



9. Писатели

Верувале или не, поголемиот дел од делата од фикција се напишани од компјутери. Една од првите книги напишана од робот е руската новела наречена „Вистинска љубов“ и е една од најпродаваните книги во Русија.

10. Роботи што креираат роботи

Некогаш мислиме дека единствената работа што ќе им остане на луѓето е креирањето роботи. Но, и за тоа се лажеме. Веќе постои фабрика во Јапонија во која роботи креираат роботи. Машините работат без надгледување од луѓе, и тоа 24 часа. Па така се конструираат околу 50 роботи дневно.