Меша Селимовиќ: „Нејзе ѝ признавам сѐ што не сум, а сепак не губам ништо“

Меша Селимовиќ: „Нејзе ѝ признавам сѐ што не сум, а сепак не губам ништо“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

меша
Фото: Noizz.rs

Извадокот од романот „Тврдина“ на Меша Селимовиќ веројатно е еден од најпознатите во историјата на балканската литература што раскажува за љубовта помеѓу мажите и жените. Ретко кој умеел да го почувствува пулсот на ова возвишено, но едноставно чувство, како што умеел Меша Селимовиќ.

„Немирите траеја кратко, толку кратко, што не вредеше ни да се подигнам. Особено затоа што знаев дека колку и да сум лут, ништо не може да ја замени неа, нетрпелива кон сè што би можело да ѝ одземе макар и дел од мене, од нејзината сопственост. И брзо, од небрежното востание и наводната желба за слобода, се враќам во цврстата тврдина на нејзината љубов, како смирен бегалец кој не се ни помрднал подалеку од капијата.

Животот не ни е наклонет, и сами создаваме мала заедница, своја вселена, во која си даваме меѓусебно сè што ни недостига.

Кога бев загрозен, мислев само на неа, охрабрувајќи се со нејзиното присуство. Кога ми беше тешко, го споменував нејзиното име како во молитва, наоѓајќи олеснување. Кога чувствувам радост, трчам да ја споделам со неа, благодарен сум ѝ нејзе, како таа да ми ја дава.

Добар е човек, и убава е жената, но она што е само за мене, тоа сам го создадов. Дури и ако има големи маани, јас не би знаел. Потребна ми е совршена и не можам да дозволам да не биде.

Ѝ дадов сè што не најдов во мојот живот, а без што не можам. Дури и се намалувам пред неа, за таа да биде поголема. Богато ја дарувам, за да можам да земам. Осуетен сум, таа е реализирана и така сум обесштетен. Моите желби беа магловити и расфрлани, сега тие се собрани во едно име, еден лик, пореален и поубав од имагинацијата. Нејзе ѝ признавам сè што не сум, а сепак не губам ништо, одрекувајќи се. Немоќен пред луѓето и слаб пред светот, значаен сум пред своето творештво, повредно од нив. Без оглед на несигурноста во сè, јас сум сигурен во љубовта, која се создава сама од себе, бидејќи е потреба, претворена во чувство. Љубовта е и жртва и насилство, нуди и бара, моли и кара. Оваа жена, цел мој свет, потребна ми е да ѝ се восхитувам и над неа да ја почувствувам својата моќ. Ја создадов да ми стои над пештерскиот оган, заштита од гром, непријатели, ѕверови, луѓе, небо, самотија, да бара од него обични работи, но и да го бара невозможното, да чувствува воодушевување, но и огорченост, да се заблагодарува и да кара, секогаш свесна дека без неа стравовите би биле претешки, надежта без корен, радоста без траење.

Поради неа, и луѓето ми станаа блиски“.