Научниците го комплетирале првиот „атлас на животот“

Научниците го комплетирале првиот „атлас на животот“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

атлас

Бројките претставуваат мрачни вести за живиот свет: според процените на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) направени во 2009 година, 17.291 вид, односно 36 отсто од сите видови што биле проценети - се изложени на ризик од исчезнување. Нашата актуелна криза на биодиверзитетот е толку лоша што е наречена „шесто масовно исцрпување на планетата“. Сепак, не е сè така мрачно; група научници се надеваат дека ќе дадат надеж преку нивниот амбициозен напор да ги мапираат сите познати видови ’рбетници. Готовиот производ е познат како „атлас на животот“ и со негова употреба тимот може да пронајде нови области што бараат фокусирани акции за зачувување.

Атласот би можел да помогне да се избегне исчезнување на видовите поради климатските промени, една од најголемите закани за природата и за биолошката разновидност. Животните, растенијата, па дури и глобалните резерви на храна се загрозени од оваа глобална промена, иако некои имаат подобри шанси за адаптирање и преживување од другите.

Сепак, климатските промени не се единственото нешто што ја менува животната средина околу дивиот свет и го загрозува нивното постоење. Ние исто така сме виновни преку уништувањето на шумите и живеалиштата. Така, на пример, во 2016 година нелегалното сечење дрвја ја осиромаши прашумата Амазон многу побрзо отколку претходната година.

Додека лидерите прават напори да ја заштитат природата, постојат многу нешта што би можеле да се направат за да се заштитат животните.

Интернационален тим на научници, предводен од тимот од Универзитетот „Оксфорд“ и Универзитетот во Тел Авив, заврши со новата серија на детални мапи за идентификација на локациите на секој познат ’рбетник на Земјата. Последното од проектот беше мапирање на глобалните дистрибуции на рептилите, кои биле комбинирани со постојните мапи од птици, цицачи и амфибии. Запознајте го атласот на животот.

39 научници се собрале да работат на последниот каталог за атласот, кој брои околу 10.000 видови змии, гуштери и желки. Била потребна една деценија за да се заврши оваа работа, бидејќи многумина сметаа дека нема доволно познати рептили што треба да се мапираат.

Кога станува збор за зачувување на дивиот свет, Универзитетот „Оксфорд“ забележува дека атласот мора да биде завршен пред да биде предоцна. „За најдобро да се заштити живиот свет, важно е да се знае каде живеат видовите, за да се преземат вистински мерки и да се насочат финансиските средства на вистински места“, се вели во соопштението од научниците.

Мапата открива неколку области каде што е потребно внимание, и каде биодиверзитетот на рептилите е особено кревок: Арапскиот Полуостров и Левант, внатрешноста на Јужна Африка, азиските степи, централните австралиски пустини и високите јужни Анди.

Заедно со додадените 10.000 рептили, вкупниот број на проценети видови е 31.000, вклучувајќи 5.000 цицачи, 10.000 птици и 6.000 жаби и саламандери.

Пред мапата да биде искористена од страна на деловни и конзерваторски организации, таа мора да биде разгледана од Меѓународната унија за зачувување на природата. Организацијата во моментов ги класифицира идентификуваните видови, што вклучува додавање на рејтинг што се движи од „критично загрозени“ до „најмала загриженост“. Откако ќе заврши со тоа, атласот на животот ќе стане достапен за јавна употреба.

Мапирањето на распределбата на сите влекачи се сметаше за тешка задача. Но благодарение на тимот од експерти за гуштери и змии, успеавме да го постигнеме ова, така што се надевам дека ќе придонесеме за зачувување на овие ’рбетници кои страдаат од прогон и предрасуди“, изјави Шаи Меири, професор на Универзитетот во Тел Авив.