Доктор Александар Сајковски: Органската храна и пробиотиците се сојузници на имунитетот на децата

Доктор Александар Сајковски: Органската храна и пробиотиците се сојузници на имунитетот на децата

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Сѐ додека не добиеме системско решение за загадениот воздух, единствено што им останува на родителите е своите деца да ги изнесуваат на чист воздух на повисоки места и да користат јонизатори за прочистување на воздухот во просториите каде што престојуваат децата - вели д-р Александар Сајковски, специјалист по педијатрија и неонатологија од „Аџибадем Систина“.



На прагот сме на зимата, а клиниките и амбулантите веќе се преполни со болни деца. Респираторните заболувања кај најмалите дополнително ќе ја полнат и клиниката во Козле кога ќе се влоши и состојбата со аерозагадувањето, проблем со кој се соочуваме секоја зима. Како може да ги заштитиме децата, што да направиме за да им го зголемиме имунитетот, на кои сирупи да им го довериме здравјето на најмилите? Првата линија за подигање на имунитетот е правилна и здрава исхрана и максимално избегнување на конзервансите, пестицидите, органофосфатите, хербицидите во исхраната на деца. Втор природен елемент неопходен за подигање на имунитетот се правилното и редовно користење на пробиотиците, вели д-р Александар Сајковски, специјалист по педијатрија и неонатологија од „Аџибадем Систина“.

Маџун, мед, пробиотици, вештачки и природни сирупи за покачување на имунитет.... Цел арсенал со продукти вклучуваат родителите за заштита на децата пред претстојниот период на вируси и настинки. Како реално се подобрува имунитетот кај децата?
- Покрај природните имуномодулатори како што се пробиотиците, биофлавоноидите, постојат и специфични имуномодулатори како што се т.н. лизати од бактерии кои кога ги аплицираме, имаат ефект кој е сличен на вакцинациите. Имено, со нивно користење се создаваат антитела против бактериите и детето се штити од истите. Односно, ако дојде во контакт со некоја бактерија која фактички е дел од составот на тие лизати, веднаш ја уништува. Истовремено може да се користи и инозин како имуномодулатор кој го подига Тх1 делот од имунолошкиот систем и го штити детето од вирусни инфекции. Овие типови имуномодулатори се нарекуваат специфични имуномодулатори и се често користени со висока ефикасност во заштита од вирусните и бактериските инфекции.

Во кој период од годината треба особено да се обрне внимание на имунитетот на децата?
- Имунолошкиот систем е посебно атакуван во периодот на промена на времето, односно во есенскиот и зимскиот период. Тогаш и впрочем е најголем бројот на инфекции што се појавуваат воопшто кај детската популација. Имено, во овој период се јавуваат и поголеми епидемии на вирусни инфекции, но и бактериски со оглед на фактот дека децата се чуваат подолг период од денот во затворена средина без оглед дали се работи за градинка или за домот.

Како се гради имунитетот?
- Имунолошкиот систем е еден совршен систем кој го штити организмот на детето и на возрасниот човек од голем број натрапници, како што се бактерии, вируси, габички, паразити. Но, го штити и од појава на малигните клетки, а истовремено е и чистач на оние клетки што нормално изумираат секојдневно и треба да се заменат со нови функционални клетки. Тој се дели на вроден и стекнат имунитет. Вродениот е т.н. неспецифичен имунитет, кој е кај сите луѓе еднаков, а таков типичен пример, односно елемент на овој дел од имунолошкиот систем е кожата, која нѐ штити од агресијата на микроорганизмите што живеат околу нас. Дел од овој систем се и слузниците на телото, pH-средината. За разлика од него, постои и т.н. специфичен имунитет кој е насочен точно кон одреден тип микроорганизам и го штити телото од разни бактерии, вируси. Кога телото еднаш ќе се запознае со некој микроорганизам, имунолошкиот систем има мемориски капацитет при повторно влетување на тој микроорганизам да реагира брзо и ефикасно во негово уништување.

Општ впечаток е дека многу повеќе се разболуваат децата што одат во градинка, особено во првата година од адаптацијата. Зошто се случува ова?
 
- На ова прашање би сакал да одговорам со надополнување на претходното. Имено, нормално е ширењето на инфекциите да е поизразено во затворени средини каде што имаме поголема концентрација на деца, а такви се градинките. Но, тоа не значи дека децата не треба да ги посетуваат. Напротив, градинките се извонредно важни институции каде што децата го почнуваат и го запознаваат животот, а и околината. Инфекциите во основа се вака почести од една многу едноставна причина, а тоа е фактот дека имунолошкиот систем на децата зрее во првите 5-6 години и на крајот на шестата година доаѓа до околу 50 проценти од оној на возрасните. Баш поради овој факт децата се повеќе изложени на инфекции во затворени средини. Наша задача како педијатри и на родителите е да им помогнеме на децата умерено да се подигне нивото на имунобиолошкиот систем и да се намалат можностите од појава на инфекции кај децата.

Дали сте за користење вештачките сирупи кои ги купуваме за подобар имунитет или има подобра и поздрава варијанта?

- Првата линија за подигање на имунитетот е правилна и здрава исхрана и максимално избегнување на конзервансите, пестицидите, органофосфатите, хербицидите во исхраната на деца. Ова подразбира дека уште од најмалата возраст децата треба да јадат т.н. органска храна во која токсините на модерната ера ги нема. Тие може да дејствуваат многу суптилно на некои сегменти на имунолошкиот систем (активност на макрофаги, продукција на интерлеукини) кои дури е тешко и лабораториски да се докажат. Но, она што е особено важно е фактот дека овие наведени отрови имаат голема можност за латентност, што значи дека ефектите од нивното влијание може да се видат и после неколку години од континуираното внесување. Втор природен елемент неопходен за подигање на имунитетот се правилното и редовно користење на пробиотиците. Но, и кај нив основно е да се користат оние што имаат имуногено својство, а такви се релативно малку (на пример, Лактобацилус Реутери протектис или Лактобацилус рамносус). Користењето на т.н. природни антиоксиданси и антимикробни супстанции, како што се биофлавоноидите (најмногу се застапени во пулпата и семката на цитрусните овошја) е исто така значајно. Моја препорака во тој контекст е дека не мора децата да пијат сокови, подобро е да го внесуваат овошјето интегрално или да користите концентрирани масла кои содржат биофлавоноиди.

Децата во есен и зима ни се главно затворени дома. Полoвина ден во градинка, остатокот скриени дома поради загадениот воздух. Какви се препораките до родителите околу овој проблем?
- Аерозагадувањето е уште еден горлив проблем во светот, но особено кај нас. Ароматичните полициклични хидрокарбони од аерозагадувањето може значајно да го оштетат имунолошкиот систем на респираторните органи и да предизвикаат чести повторувачки инфекции на истиот, нарушување на имунолошкиот одговор на вакцините, па дури и појава крајно на канцер. Истото важи и за просториите каде што се пуши, поради нарушување на макрофагната активност во респираторниот систем од страна на чадот од цигари. Мое мислење е дека овој проблем не може да се реши индивидуално, а дека е потребен системски приод, пред сѐ, со елиминација на сите возила од сообраќајот што немаат квалитетни системи за намалување на аерозагадувањето, промена на системот на греење во зимската сезона и користење на извори за греење кои не вршат аерозагадување (на овој начин во 60-тите години од минатиот век во Лондон е драстично намалено аерозагадувањето, а главна мерка била забрана за користење на јагленот за греење, како и на нафтата). Сѐ додека не добиеме системско решение, единствено што им останува на родителите е своите деца да ги изнесуваат на чист воздух на повисоки места и да користат јонизатори за прочистување на воздухот во просториите каде што престојуваат децата.