КОЛУМНА: До гледање, но не и збогум!

КОЛУМНА: До гледање, но не и збогум!

Лектор: Ивана Кузманоска



Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Има неколку суштински разлики доколку некому кажете „до гледање“ или „збогум“. Првата е значенска и покажува која ви е намерата: Доколку некому кажете „до гледање“, оставате простор и за некое следно видување, односно до-видувањето имате некој неодреден временски интервал кој не е ниту во ваши ниту во нивни раце предодреден. Ама, сепак, останувате на некоја културна дистанца со можност за заеднички средби и дијалози за некој поголем интерес. Доколку пак одберете и некому кажете „збогум“, што доаѓа од старословенски „с-богом“, значи дека му посакувате всушност сѐ најдобро, да оди „со Господ напред“. Оти вие сте расчистиле со него/неа, па му останува сега само со Бога да се дружи. Добро, може малку цинично звучеше ова, но навистина, вие всушност го благословувате неговиот пат да оди со Божја промисла.

Нејсе, каков крај и да одберете за некого, важно е за себе да знаете што сте избрале. Е сега, од перспектива на изборниот процес што ни се случи, секако некој ќе замине од негде: од некоја фотелја, функција, партија, и така натаму, оти бевме обврзани да гласаме и да избереме кој си оди, а кој останува. (Со оглед на фактот што текстот е пишуван ден пред изборите, согласно правилата за учество на натпреваров, авторот на оваа колумна не ни знае за исходот што се случил на изборите, но затоа се позанимававме со крајот. Оттаму, секоја случајност е намерна).

Но, и крајот е процес кој треба да се прифати со тек на време. За да дојде до крај, најпрвин требало да се одлучи, да се избере. Иако овде имавме малку повеќе од два избори:

А) за краља
Б) за отаџбину
В За краља и отаџбину
Г) за отаџбину и против краља

Што во превод значеше дека ни беа понудени избори од кои скоро секогаш избираш да избереш избор за да не избираш пак на избори за брзо време. Но, каде е тука правото на општествен договор на мнозинството, за да избереме кому ќе му речеме „до гледање“, а кому „збогум“? Оти не е исто. Ако некому сте рекле „збогум“, тоа во догледно време може да ве донесе до истиот автохтон модел на монархија против кој се бореа во Шарената. Ем сте му посакале сѐ најдобро, ем сте го оставиле да работи како сака и што сака. Сте го оставиле да биде слободен во својот избор.

Полошо, здравје. Можеби од аспект на граѓанскиот концепт на државничко управување „до гледање“ е сепак добар (демократски?) пример за да го држите под контрола оној со кого не сакате да се видите, ама всушност подобро е да го проверувате одвреме-навреме што прави. Па така, не знам што избравме, но се надевам дека не рековме никому „збогум“, не заради него/неа, туку заради доброто на сите нас.

Е па, до гледање до следната колумна!

Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.