Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Тони Наумовски: „Сум глумел на осум јазици, нема ништо помоќно од тоа што играм на мајчин јазик“

 
Toj е еден од највредните актери во Њујорк: филм, телевизија, читања, часови. Mоже да биде романтичен деспот и може да ги испее тие прекрасни, тажни, освојувачки стари песни од Балканот што можат да прекинат и шоу – за него неодамна изјави американската режисерка Марси Арлин. Актерот Тони Наумовски живее во Њујорк во последните 14 години. Секој вторник на „Сител“ може да го проследите во ликот на Владо Лазаревски, арогантниот војник во серијата „На терапија“.


Големото телевизиско искуство што го „набилдал“ низ годините во земјата на ТВ-сериите и тоа како се познава во неговата актерска игра и во македонскиот проект. Роден во Австралија, детството и средното училиште ги поминал во Битола. Зад него се стотина театарски, телевизиски и филмски улоги. Игра и во филмот Run all night со Лиам Нисон во главната улога, во серијата Daredevil и многу други.

„На терапија“ е особено популарна, донесе свежина во сиромашната ТВ-понуда на домашни продукции. Ве радува ли овој ангажман, со оглед на тоа дека подолго време живеете во Њујорк?

- Навистина се радувам дека серијата е популарна и добро прифатена од домашната публика од неколку причини, меѓу кои дека имав шанса да изградам многу длабок и комплексен лик. Тоа е сон на секој актер и голем предизвик истовремено. Такви шанси се случуваат многу ретко, што велат овде во Америка, можеби, еднаш на десет години. На многу одлични актери, за жал, никогаш и не им се случуваат. Да го земеме на пример Ал Пачино, мајстор со импозантна кариера, иако остварил голем успех со над 50 одиграни улоги, ние се сеќаваме само на некои од нив. Зборувам за оние улоги што ја обележале неговата кариера како: „Кум“, „Серпико“, „Лице со лузна“, „Ангели во Aмерика“ итн. Друга причина е прекрасниот тим. Не би пропуштил шанса да соработувам со одлична екипа – домашна, а на светско ниво. Трето и најважно е што овој лик се случи да го играм на мајчин јазик. Низ годиниве во мојата кариера сум имал привилегија да творам на осум јазици, но нема ништо помоќно и подлабоко да се поврзеш со коренот на твоето постоење.

Америка е земјата на ТВ-сериите. Вие сте веќе искусен филмски и ТВ-актер, а Вашето искуство се гледа и во глумата во „На терапија“. Има ли голема разлика во начинот на работа на серии? Може ли да ни доловите како се работи во Америка?

- Па, не е толку различно колку што некој би помислил. Одлична екипа е одлична насекаде. „На терапија“ го докажува тоа. Добар концепт и сценарио се добри насекаде. Моќната игра освојува насекаде. Сѐ зависи од конкретниот проект. Не секогаш се вклопуваат коцките за да се постигне високо ниво на производ ниту во Америка ниту кај нас. Разликата најмногу ја наоѓам во конкуренцијата, поголемиот избор на екипа, актери, режисери итн. Доста често во Македонија се одминуваат многу млади, а и колеги од постарата генерација зашто имаме навика да ангажираме исти актери, што не значи дека не се добри и не заслужуваат, но според мене, различноста и здравата конкуренција се мајка на напредокот. Се разбира, разлика нормално постои и во бројката на гледаност и во буџетите.


Филмска академија завршивте во Софија, а живеете во Америка речиси 15 години. Како актерството стана Ваш сон?

- Пораснав со музика. Потекнувам од семејство на музичари и пејачи. Пеев и свирев тапани од мали години. Желбата беше џез-академијата „Беркли“ во Бостон или во Лондон. Но, еден ден во средно бев поканет да играм една сосема мала улога со театарската група „Талија“ во Битола. Тоа беше пресуден момент во мојот живот да се одлучам за актерство. Патот ме однесе во Софија, каде што во 2000 година дипломирав на НАТФИЗ - Националната академија за театар и филм, во класата на легендарниот актер Стефан Данаилов. Потоа магистрирав на Австралиската академија при Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј. Во 2004 година добив стипендија од Ана Стразберг преку Универзитетот на Њујорк за едногодишна специјализација на Институтот „Ли Стразберг“ во Њујорк. И, еве ме, веќе 14 години како го живеам сонот на многу актери.

Игравте во „Ова не е американски филм“ во 2011 г., а имате мала улога и во „Медена ноќ“. Посакувате ли повеќе македонски проекти и дали ја следите нашата филмска продукција?

- Секако дека посакувам. Секогаш ми значи кога работам на мајчин јазик и се радувам на секој тамошен ангажман. Отворен сум за соработка во секое време. Ја следам нашата филмска продукција колку што можам и колку што ми дозволува времето. Ме радува кога ќе чујам за успесите на наши филмови и на моите колеги. Но, за жал, тешко успевам да гледам поголем дел од нив бидејќи нема онлајн-дистрибуција - нешто во кое дефинитивно треба да се инвестира во иднина. Но, мора да признам дека од оние понови проекти што сум ги погледнал навистина има што да се види и тоа ме прави среќен, зашто во Македонија има огромен потенцијал.


Во септември имавте премиера на My swollen feet на фестивал во Њујорк, претстава во која имате главна улога. Како се станува видлив во толкав метеж од уметници од цел свет, секој дојден со една цел да биде виден и успешен?

- Со работа. Работа и многу работа. Дисциплина, огромна енергија и целосна посветеност, фокусираност и самокритика. Јас секогаш тргнувам од позиција на студент. После сиве овие години, иако сум остварил над 100 театарски, филмски и ТВ-улоги, сфаќам уште колку многу има за учење и надградување. Имам високи критериуми и во никој случај не се задоволувам лесно. Таа жед за надградување, постигнување нови длабочини и освојување нови хоризонти е како магнет и порано или подоцна времето ќе те награди. Тој кртовски труд и таа вистина што ја создавам низ сиве овие години, низ кои сум пoминал и низ сито и решето неколкупати, на крај, некако барем, до некое ниво се препознава. Но, има уште многу за работа и учење. Благодарен сум на досегашното искуство - да можам да препознам на што треба да се фокусирам. Тоа ме исполнува. Свесен сум на што треба да работам и како да се надградувам. Секое слободно време го користам да посетам некоја работилница или мастер-клас и секако - да прочитам некоја добра стручна литература. Работам, не мирувам.

 

Што Ве очекува во новата сезона?

- Во моментов работам на два проекта: From Here To Eternity е нов мјузикл базиран според вистинска приказна. Го играм Ике Галовиќ, поголема улога (по потекло Југословен, кој во 1941 година бил наредник во Г-дивизијата на Хаваи, каде што се случил првиот напад врз САД од страна на империјална Јапонија, што го означи влегувањето на САД во Втората светска војна). Играме 32 претстави за еден месец и според статистиките на продадените карти досега, ќе играме пред околу 17.000 до 19.000 публика. Театарот Ogunquit Playhouse брои 600 седишта и е еден од најреномираните во САД, каде што настапиле едни од најголемите театарски и филмски ѕвезди од американската и англиската сцена. Особена чест за нашата екипа, која брои педесетина луѓе, е што ја затвораме јубилејната 85. сезона на театарот. Другиот проект е нова ТВ-серија Big Dogs, која треба да има премиера на 3 март вгодина. Јас го толкувам ликот на Реза Варна (лик со бугарско потекло и една од главните артерии на њујоршката мафија). Играм во целата прва сезона, во седум од вкупно осум епизоди и особен предизвик и успех ми е фактот дека во серијата зборувам на пет јазици (полски, романски, руски, бугарски и, се разбира, англиски). Станува збор за една друга извртена реалност на Њуjорк, каде што во општеството владее хаос, со изместени вредности и морали. Паралелно со ова, четири краткометражни филма во кои играм главни улоги се примени на неколку светски филмски фестивали. Има и неколку други театарски и филмски проекти во развој, но за нив би зборувал кога ќе дојде време.
 
Објавено на 17.10.2017 во категорија Култура
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook