„Истребувач“ (1982): од пропаст до класика

„Истребувач“ (1982): од пропаст до класика

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Рејчел од „Истребувач“
(Фото: Wiki)


Ридли Скот својата кариера ја почнал како режисер на реклами, што му ги отвори вратите на филмската индустрија. Неговиот режисерски првенец „Дуелисти“ (1977) со Харви Скот и Кит Карадин беше добро оценет и од публиката и од критичарите, што му овозможи да го режира и високобуџетниот научнофантастичен филм „Осмиот патник“ (1979).

По завршувањето на снимањето, на Скот му бил понуден уште еден СФ-филм со наслов „Опасни денови“, според мотиви од книгата „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“ од Филип К. Дик. Приказната го следи пензионираниот детектив Рик Декарт, кој го враќаат во служба за да ги пронајде одметнатиот андроид Рој Бети и неговите другари.

Пред самиот почеток на снимањето, кога сценариото и макетите биле речиси готови, избил штрајк на сценаристите. Од студиото имале намера да го откажат снимањето сè додека не заврши штрајкот, но Скот одлучил да не седи со скрстени раце. Штрајкот му овозможил доволно време на режисерот да се посвети на барање подобри локации за снимање, можност да изработи поинтересни кулиси, но и повеќе време да посвети на осмислување специјални ефекти, возила и дизајни од иднината. Во овој период, насловот на филмот е променет во „Истребувач“ (Blade runner).

Што се однесува до специјалните ефекти, главниот збор го добил Даглас Трумбул, автор на најпознатите специјални ефекти за „2001: Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик и „Блиски средби од трет вид“ на Стивен Спилберг.

Улогата на главниот негативец Рој Бети ја добил речиси непознатиот холандски актер Рутгер Хауер, а неговата верна придружничка – тогаш сосема непознатата Дерил Хана. На предлог на студиото, Харисон Форд ја добил главната улога на  детективот Рик Декарт, пензионираниот ловец на одметнати андроиди.

Во текот на снимањето односите меѓу режисерот, продуцентите и актерската екипа биле многу затегнати. Поради барањата на Скот за перфекција, снимањето се протегнало подолго од планираното, а буџетот бил пробиен. Иако биле предвидени 15 милиони долари, после постпродукцијата и изработката на сите специјални ефекти, филмот чинел 28 милиони долари!

Пред завршувањето на снимањето, продуцентите побарале да видат дел од материјалот. Она што го виделе воопшто не им се допаднало. Главниот продуцент и режисерот веднаш добиле отказ, а студиото почнало да бара нов режисер. Меѓутоа, Скот успеал да ги убеди за дополнителни денови на снимање, за да ги завршат започнатите сцени, на свој трошок.

Истовремено, лошите вести стигнале и до писателот Филип К. Дик, па и тој побарал да го види сировиот снимен материјал за да оцени дали филмот ја следи неговата визија од книгата. Стигнал налутен во студиото, го проследил филмот, и единствено што прокоментирал било: „Како е ова возможно? Ова е неверојатно. Ова е точно тоа што го замислував кога го пишував романот!“ За жал, Дик никогаш не ја видел завршната верзија на филмот затоа што починал од срцев удар неколку дена пред премиерата.

Кога првата верзија на филмот била претставена пред тест-публика, таа била збунета и не знаела што да мисли. Филмот бил повторно монтиран, и пратен во кината, за да биде повлечен по само една недела прикажување! Продуцентите сакале да го забрзаат филмот и да го преориентираат – да биде претежно акционен СФ-филм наместо љубовно-детективска приказна сместена во 21 век. Биле исфрлени повеќето „драмски“ сцени и додадена била нарација за да се пополнат дупките во приказната.

Меѓутоа, ништо од сето ова не помогнало филмот да биде подобро прифатен и кај публиката и кај критиката. „Истребувач“ бил оценет како тотално промашување и едвај успеал да собере 17 милиони долари од благајните во кината. Но...

Со појавата и наглиот развој на ВХС-пазарот, малобројните фанови на овој филм уочиле дека со секое ново гледање на филмот забележуваат нови детали кои во многу работи ја менуваат перцепцијата за филмот. Вестите почнале да се шират, а „Истребувач“ полека почнал да добива сосема солидна база на поддршка, што му овозможила на режисерот, после 10 години, да побара од студиото да му овозможи „режисерска верзија“ која всушност е премонтиран филм, без шпица, со исфрлена нарација и вратени претходно исфрлени сцени. Ваквата верзија на филмот била пратена во едно мало кино во Лос Анџелес во текот на 1991 година. Одѕивот бил толку голем, што се барале неколку стотици билети повеќе, па челниците на студиото „на врат на нос“ одобриле изработка на вистинска верзија на режисерот која потоа била испратена на прикажување во сите светски киносали. Филмот доживеал неверојатна популарност.

Времето поминувало, а „Истребувач“ полека ја стекнувал заслужената пофалба. По повод 25-годишнината од премиерата, како и новата и конечна верзија наречена „Истребувач: Конечна верзија“, еден од најпознатите критичари на 20 век, Роџер Иберт, напишал есеј полн со пофални зборови и им се извинил на авторите на филмот за својата првична, остра реакција.

Денес ова дело на Ридли Скот се смета за култна класика која не само што ги помести границите на специјалните ефекти, туку и начинот на кој публиката го перципира научнофантастичниот филм кој успеал да му одолее на забот на времето и да се наметне како еден од најдобрите филмови во историјата.


Текст на Милан Круниќ