Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци: Сакам да си го вратиме завидното ниво

Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци: Сакам да си го вратиме завидното ниво

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Да се вратиме на завидното ниво на кое сме биле пред неколку години, да се бара карта повеќе на билетарницата, да се задржи нивото на детските претстави и, секако, да се надградува веќе започнатата младинска сцена. Сето тоа со убави и успешни луѓе кои ја сакаат оваа работа – вели директорката на Театарот за деца и младинци, Катарина Илиевска-Силјановска, која додава дека најмногу од сѐ би сакала вработените и публиката да бидат задоволни од нејзината работа.


Актерката Илиевска-Силјановска знае како дише театарот. Таа е дел од неговиот ансамбл 18 години. Децата ја препознаваат во многу претстави на нивниот омилен театар. „Снежната кралица“, авторски текст на Билјана Крајчевска, по мотиви на Андерсен, а во режија на Драгана Милошевска, ќе биде првата премиера од мандатот на Илиевска-Силјановска. Нестрпливите дечиња ќе можат да ја проследат во почетокот на ноември.
- Во неа се испреплетени и мотиви од „Леденото царство“, или помеѓу најмладата публика попозната како „Frozen“. Верувам дека ќе биде и повеќе од успешна. Во меѓувреме одиме на детски фестивал во Бања Лука со претставата „Мачорот во чизми“, каде што се надевам на успех, како и секогаш – вели Илиевска-Силјановска.

„Мачорот во чизми“ на Игор Ивковиќ синоќа учествуваше на фестивал во Бања Лука

Таа најавува дека е во план да се работи мјузикл за деца, а до крајот на годината ќе нѐ очекува уште една премиера, овој пат на младинската сцена. Станува збор за претстава работена по мотивите на „Сидарта“ од Херман Хесе, во режија на Јане Спасиќ.

Многу врева се крена минатата година по прашањето на младинските претстави во овој театар, кога некои претстави беа симнати од репертоарот. Новата директорка најавува дека младинските претстави ќе си бидат составен дел на репертоарот и дека наскоро ќе бидат ставени на репертоарот. Во новата сезона Театарот за деца и младинци ќе биде со тројца актери помалку, глумци кои се заштитен белег на овој театар. Тања Кочовска стана дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, Предраг Павловски замина во Драмскиот театар, а Владимир Лазовски е заменик-министер за култура.

- Тоа е моја болка, тие ќе ми недостигаат како тим, иако секогаш ќе бидат тука за нас, ќе ги има во претставите во кои играат, така што нема да се почувствува нивното отсуство. Но, тоа е патот што тие го одбрале и навивам за нив. А секако дека планирам и нови вработувања, кога за тоа ќе дојде време – објаснува директорката.
Театарот за деца и младинци има богата фестивалска агенда со години. Ќе се работи интензивно на тој план.
- Планираме да се вмрежиме во некои асоцијации за детски фестивали добро познати во Европа и во светот, така што ќе ни бидат достапни повеќе интернационални фестивали.

Сонот на многу генерации актери од овој театар, а и на публиката е да добие нова театарска сала. На нашето прашање какви се шансите тоа да стане јаве, директорката вели:

- Да не прејудицираме, има некои размисли за тоа, но дека би можело да се случи наскоро, не сум сигурна. Сепак, во интензивни разговори на таа тема сум со Министерството за култура.