Психолошки трилери според вистински настани

Психолошки трилери според вистински настани

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

horor
Фото: Profimedia

Многу луѓе велат дека хорор-филмовите настанати според вистински случувања главно се само „нашминкана“ верзија со убави актери, меѓутоа, некои хорор и трилер приказни се снимени откако се случиле во реалноста.

Знаеме дека животот некогаш ги пишува најтрагичните приказни, а ние ви донесуваме некои од најморничавите. Овие филмови повеќе нема да ги гледате на ист начин бидејќи ви ги донесуваме вистинските приказни што стојат зад нивните сценарија.

„The Serpent and the Rainbow“




Во филмот, антрополог од Харвард оди на Хаити за да ги истражува вуду-ритуалите со чија помош луѓето се претвораат во зомби, користејќи мистериозна растителна прашина.

Филмот на Вес Крејвен од 1988 година бил создаден според книгата на антропологот Вејд Дејвис. Не станува збор за фикција, всушност Дејвис навистина ги истражувал процесот на претворање на луѓето во зомби и вуду-ритуалите во Хаити и за тоа напишал научно дело. Книгата била остро критикувана меѓу научните кругови, но Дејвис тврди дека сè е вистина.

Не сме сигурни дали сакаме да знаеме каква е вистината.

„Мonster“



Шарлиз Терон доби „Оскар“ за портретирање на проститутката Ајлин Вуорнос која откако доживеала неколку силувања, почнува да ги убива своите клиенти. Ајлин во реалноста убила седум мажи и за тоа била осудена на смртна казна.

„The Amityville Horror“



Млад брачен пар со три деца се вселува во куќата, но не знае дека во минатото токму во неа се случиле насилни злосторства. Чудни работи почнуваат да се случуваат, а новите сопственици започнуваат да сфаќаат дека куќата е опседната со лоши духови.

Многу филмови досега биле снимени за хоророт во Амитвил. Станува збор за место од општата американска култура. Приказната била инспирирана од убиствата што ги извршил Роналд де Фео Џуниор во 1974 година. Де Фео ги застрелал своите родители, Роналд и Луис, двајцата браќа, Марко (12) и Џон (9), и двете сестри, Дон (18) и Алисон (13).

Самиот Де Фео ја повикал полицијата и прво за убиствата го обвинил мафијашот Луис Фалини, но набрзо признал дека ги извршил сам. Се обидел да се одбрани со непресметливост, но тоа не поминало. Добил шест доживотни казни и моментално се наоѓа во затворот во Суливан.

„An American Crime“



Родителите на две девојчиња, Силвија и Џени, ги оставаат на чување кај сосетката Гертруд Банизевски бидејќи имаат работа во луна-паркот. Се договараат да ѝ плаќаат по 20 долари неделно. Но кога две недели по ред не плаќаат, Гертруд почнува да ја мачи постарата сестра Силвија.

Филмот бил инспириран од вистински настан. Гертруд ги поттикнувала и ги терала нејзините ќерки Стефани и Паула, синот Џон и малолетните соседи Кој и Ричард Хобс да ја тепаат Силвија, да ѝ ја палат кожата и да гаснат цигари од неа, да ја врзуваат, да ѝ ставаат сол на отворените рани, да ја тераат да јаде измет и да пие урина... Огромно физичко, психичко и сексуално мачење се случувало пред нејзината помала сестра Џени. По неколку месеци страшно мачење, Силвија починала од шок, изгладнетост и од потечен мозок.

Нејзината сестра ѝ кажала на полицијата што се случувало, па Гертруд била осудена на доживотна казна, како и нејзината ќерка Стефани. Помладата ќерка Паула, која тогаш имала 17 години, отслужила пет години во затвор. Малолетниот Џон и Кој и Ричард Хобс поминале две години во малолетнички затвор.

Иако извршила едно од најстрашните злосторства во Америка, Гертруд по 14 години поминати во затвор била пуштена на условна казна поради примерно однесување. Почнала во 1990 година.

„Primeval“



Група новинари пристигнуваат во Бурунди за да се обидат да го пронајдат легендарниот крокодил долг седум метри. Наводно никој не може да го фати, иако постојано ги напаѓал и убивал луѓето.

Крокодилот наводно изел над 300 луѓе. Никогаш не бил фатен и има митски статус, а за него е снимен и документарецот „Capturing The Killer Croc“ во 2004 година. Уште од 90-тите го истражува херпетологот Патрис Фаје, кој му го дал името Густав.

Последен пат бил виден во јуни 2015 година, кога еден жител видел како влече голем бизон во реката.

„Changeling“



Анџелина Џоли ја глуми Кристин Колинс, чиј син Волтер исчезнал. Во филмот режиран од Клин Иствуд полицијата го пронаоѓа, меѓутоа, јасно е дека тоа не е нејзиниот син. Никој не сака да ѝ помогне, па таа сама тргнува во потрага со помош на медиумите.

Иствуд бил инспириран од вистинскиот настан во средината на 20-тите години. Откако се случиле серија киднапирања на момчиња, било откриено дека Гордон Норткот ги киднапирал, сексуално ги злоупотребувал и потоа ги убивал, закопувајќи ги на неговиот ранч. Едно од момчињата било и Волтер Колинс, чие исчезнување ги окупирало американските медиуми.

Момчето за кое полицијата тврдело дека е син на Кристин Колинс всушност не бил нејзин син. Таа постојано се обидувала на полицијата да ѝ го докаже тоа, а го имала и картонот од забите на нејзиниот син, но полицијата ја сместила во лудница бидејќи се плашела од лош публицитет.

Подоцна, кога дознала дека била во право, Кристин ги тужела, иако отштетата никогаш не ѝ била исплатена. Убиецот Норткот бил осуден за убиство на пет момчиња.

„The Conjuring“



Семејството Перон се сели во нова куќа и за брзо време сфаќа дека не се сами; некој им удира на вратите, се чувствуваат чудни бранови на студен воздух, во воздухот се појавува лоша миризба, а децата на огледалата гледаат чудни одрази. Ги повикуваат истражувачите на паранормални активности, Едвард и Лорејн Ворен, со надеж дека ќе им помогнат. Тие дознаваат дека куќата некогаш припаѓала на жена која била обвинета дека е вештерка и која наводно го жртвувала нејзиното новороденче, проколнувајќи го островот на кој се наоѓа куќата. Во куќата биле поставени камери за да откријат што всушност се случува во текот на ноќта.

Приказната за еден од најстрашните хорори е базирана на исповед на Едвард и Лорејн Ворен, кои истражуваат паранормални активности уште од 50-тите години на минатиот век.