Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Симпозиум во чест на битолчанката Фанула Папазоглу, која тврдеше дека Хелените и Македонците се два посебни идентитета

 
Се собравме во спомен на Фанула Папазоглу, која пред еден век пристигна на овој свет, а нѐ напушти пред 16 години. Нејзината судбина беше со гордост и храброст да освојува многу километри на Балканот и да стане голем научник и учител, беше кажано на симпозиумот во Белград што го организира Филозофскиот факултет од тој град во соработка со Српската академија на науките и уметностите

Плакатот за симпозиумот                                                Фото: Виктор Лилчиќ-Адамс

Неколку десетици научници и истражувачи, археолози, историчари, научници од областа на класичните студии и на стариот век од земјава, Грција, Србија, Романија и од други земји од регионот учествуваа на дводневниот симпозиум, кој се одржа во Белград, со кој се одбележаа сто години од раѓањето на Фанула Папазоглу. Родена е на 3 февруари 1917 во Битола, а почина на 26 јануари 2001 во Белград. Папазоглу е еден од најистакнатите македонски и југословенски класицисти, епиграф и академски работник, експерт по древната историја на Балканот. Симпозиумот го организира Филозофскиот факултет во Белград во соработка со Српската академија на науките и уметностите, а свое излагање имаше и д-р Славица Бабамова од Археолошкиот музеј на Македонија.



Папазоглу се школувала во Битола, каде што матурирала во 1936 година. Студирала класична филологија со историја на стариот век и археологија на Филозофскиот факултет во Белград. За време на окупацијата, како член на студентската организација, учествувала во Народноослободителното движење. Од 1942 до 1943 година била затвореник во концентрациониот логор во Бањица.

Исклучителен научник и човек


Дипломирала веднаш по војната, во 1946 година, на Филозофскиот факултет во Белград, а докторската дисертација на тема „Македонските градови во римско време“ ја одбранила во 1955 година. На Катедрата за историја на стариот век на факултетот во Белград работи од 1947 година. Редовен професор станала во 1965 година. За дописен член на Српската академија на науките и уметностите е избрана во 1974 година, а на крајот на 1983 станала и редовен член на Академијата. Во 1994 година била избрана за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав. Во воведниот збор на симпозиумот беше истакнато:
- Се собравме во спомен на Фанула Папазоглу, која пред еден век пристигна на овој свет, а нѐ напушти пред 16 години. Нејзината судбина беше со гордост и храброст да освојува многу километри на Балканот и да стане голем научник и учител. Денес тука се присутни нејзини биолошки или духовни деца, некои добри колеги и соработници, некои студенти, а некои никогаш не ја запознаа, но добро го знаат нејзиното име и дело. Преку излагањата на конференцијата ќе се обидеме да ја претставиме како исклучителен научник и човек, каква што беше.

Од гимназијата во Битола до почесен доктор на Сорбона

Папазоглу од 1969 година раководела со Центарот за античка епиграфика и нумизматика на Филозофскиот факултет. Била постојан соработник на Центарот за балканолошки испитувања на Академија на науките и уметностите на Босна и Херцеговина, член на редакцијата на списанието „Жива антика“. Учествувала на многу меѓународни научни собири, а била визитинг-предавач на универзитетите во Јанина, Атина, Берлин и во Минхен. Била дописен член на Германскиот археолошки институт и почесен доктор на Сорбона, почесен член на Филолошкото друштво „Парнасос“ во Атина. Автор е на околу 130 научни труда од областа на историјата на стариот век. Добитник е на многу награди.



- Уште со својата докторска дисертација покажала длабочина во познавањето на темелните прашања на општествената историја. Благодарение на нејзините истражувања на старобалканското „варварство“, денес се знае дека политичките заедници на најјужните претставници на племињата што го населувале Балканот напредувале во својот развој за време на доцнокласичниот и хеленистичкиот период до степен на вистински држави – пишува порталот „Е-наука“ за Папазоглу.

Зад себе остави монументални дела

Во делото со наслов „Политичка и социјална содржина на името Македон, Македонец во претхеленистичка и хеленистичка Македонија“, Папазоглу пишува:



„Како што се гледа од насловот, немам намера да пишувам за јазичката, етничка припадност на Македонците, прашања за кои се дискутира и полемизира веќе еден и пол век, а сè уште не е дојдено до еден општоприфатен одговор. Прашањето за карактерот на македонскиот јазик може да се реши исклучиво со лингвистички истражувања за кои не сум компетентна. Меѓутоа, митолошките и историски извори ни ги покажуваат Хелените и Македонците како два посебни идентитета. Во генеалошкиот еп „Каталог на жените“ од Хесиод (меѓу 750 и 650 г. пр.н.е) тој ги спомнува Македон и Магнет, кои живеат околу Пиерија и Олимп. Тие се синови на Зевс и Тија, сестра на родоначалниците на хеленските племиња Ајолци, Јонци, Дорци и Хелени. Македон и Магнет, спрема тоа, би биле сродници, а не браќа на Хелените. Кај Хеланик (крај на 5 век пр.н.е), Македон е всушност син на Ајол, но додека Магнетите се спомнуваат и во постари извори, на пример во „Илијада“ во легендата за Аргонаутите како најсеверно хеленско племе, тоа не е случај со Македонците. Магнетите биле членови на пилејска Амфиктионија од самиот нејзин почеток (ран 7 век пр.н.е.) додека македонскиот крал Филип Втори успеал да стане нејзин член дури во 346 г. пр.н.е. Македонците не учествувале ниту во општохеленските Олимписки игри. Сево ова покажува дека хеленскиот свет не знаел за Македонците сè до преминот од 8 во 7 век пр.н.е, време кога и со други средства се датира почетокот на македонската монархија“, пишува Папазоглу.
 
Објавено на 19.10.2017 во категорија Наука
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Наука