КОЛУМНА: Дали одиме напред?

КОЛУМНА: Дали одиме напред?



Фото: Pixabay

Колумна на Викторија Митевска

Колку вреди доброто образование?
Каков е нашиот систем на вредности?
Во какво општество живееме?

Денес се сменети условите, целокупниот образовен систем, се е поразлично од времето кога јас се образував. Затоа и однесувањето на младите денес е поразлично а и се помал е бројот на вистински изградени личности (во вистинска смисла на зборот). Тоа е, останаа само неколку кои се борат за зачувување на вистинските вредности од минатото и градење на нови вредности кои ќе доведат до личен развој како и развој на целокупното општество.

Дали можеби општеството е виновно за ова? И, што навистина се случи со квалитетот на образованието низ годините наназад? Дали всушност имаме квалитетно и доволно компетитивно образование, после сите реформи кои се направени до денес?

Всушност, да, се случи нешто. Се воведоа нови учебници, нови наставни програми, се воведе деветолетка, полека низ годините се менуваше образовниот систем без притоа тие промени да соодвестуваат и да се прилагодливи на веќе постоечките услови во даденото општество. Токму промените доведоа до продуцирање на кадри кои не се доволно подготвени активно да се вклучат во општествениот живот со нивното делување, промени кои го стопираа развојот на интелектуалните способности, мислата и креативниот дух.

И зошто тогаш како држава тврдиме дека се стремиме кон градење на ново општество кое ќе биде отворено, напредно и модерно, а заостануваме во процесот на развој на личноста? Не треба општеството да заборави и да ги занемари основните чинители на неговото постоење, на оние кои треба да ја креираат иднината. Тоа се луѓе кои треба да бидат подготвени да се вклучат активно во случувањата во светот, кој понекогаш е суров и неправеден, да бидат спремни да се соочат со сите предизвици кои ги чекаат.

Образовниот систем како најбитен столб на едно демократско општество треба да биде синоним за знаење и вистина. Чинителите во овој процес треба да се заложат за посветено и доследно пренесување на знаењето и вистинските вредности. Време е општеството да делува во насока на подобрување на образованието, време е да престане продукција на ,,необразовани луѓе со диплома“ (наспроти оние кои ги заслужиле). Но, не само сега, секогаш е вистински момент да се направи вистинскиот чекор – создавање на млади и успешни луѓе кои со своето знаење, умешност, делување, работа и почитување на вредностите ќе допринесат за градење на подобро и пред се, образовано општество.

Дали одиме напред ? Ако одговорот е НЕ, ајде, да не дозволиме само ние да стоиме во место.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.