Кои земји и градови се откажуваат од  „бензинци и дизелаши“?

Кои земји и градови се откажуваат од „бензинци и дизелаши“?

Подготвил: Б.Б.


Бензинска пумпа
(Фото: Pixabay)


Во последно време сè повеќе држави и метрополи од Европа и Америка најавуваат дека ќе забранат движење на постоечките или продажба на нови автомобили со бензински и дизел мотори.

Меѓу нив се и две големи европски земји – Велика Британија и Франција. И двете држави планираат да ги забранат автомобилите со мотори на внатрешно согорување до 2040 година.

Холандија исто така неодамна најави дека после 2030 година, сите нови возила кои ќе се продаваат на тој пазар ќе мора да поседуваат сертификат за нулта емисија на штетни гасови, што практично значи дека Холанѓаните за само 13 години од денес не ќе можат да купуваат нови модели со погон на бензински или дизел мотори.

Во Норвешка сакаат да ја постигнат истата цел, но пет години порано, односно тие планираат веќе во 2025 година да ја запрат продажбата на нови автомобили со бензински или дизел агрегати.

Новрешка инаку е европски лидер по продажбата и бројот на електрични возила по глава на жител, благодарејќи на многуте погодности и повластици на кои можат да сметаат сопствениците на автомобилите на струја, но и на мерките за дестимулација во вид на високи даноци и такси кога станува збор за купување на модели со мотори на внатрешно согорување.

Европските држави не се единствените кои се обидуваат да се справат со загадувањето од издувните системи на современите автомобили кои како гориво користат нафтени деривати.

Кина, која со години наназад бележи најголем развој на продажбата  на нови автомобили во светот, но воедно има и  големи проблеми со загадениот воздух во големите градови, планира слични мерки како погореспоменатите земји од Стариот континент.

Индија е уште еден огромен брзорастечки автомобилски пазар во Азија, а властите на оваа држава сакаат до 2030 година сите нови автомобили кои се продаваат во таа земја да бидат на електричен погон.

Но, не планираат само држави да спроведуваат мерки со кои се ограничува или спречува можноста за користење  и продажба на „бензинци и дизелаши“.

Многу големи светски градови исто така сакаат нивните улици да станат поздраво и побезбедно место за живот на граѓаните, благодарејќи на намалувањето на емисијата на штетни гасови кои ги произведуваат модерните автомобили.

Меѓу нив се и метрополите како Париз, Мадрид, Атина, но и Мексико Сити, кои имаат намера да го забранат движењето на автомобили на дизел гориво до 2025 година.

Американската сојузна држава Калифорнија, која во САД  предничи според бројот на електрични и хибридни автомобили на патиштата, исто така неодамна најави дека разгледува можност за забрана на возила на бензиски и дизел погони, иако тоа се коси со плановите на актуелната сојузна администрација.