Ако сте се запрашале зошто бабите и дедовците секогаш стануваат рано, еве ја причината

Ако сте се запрашале зошто бабите и дедовците секогаш стануваат рано, еве ја причината

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Стар часовник
(Фото: Pixabay)


Се смета дека разликите во времето кога некои луѓе си легнуваат и кога се будат би можеле да ги претставуваат моделите кои се утврдиле уште во времето кога нашите предци спиеле во грмушки, изложени на предаторите и противничките племиња од моментот кога сонцето ќе зајде.

Најнова студија објавена во списанието Proceedings of the royal society B упатува на тоа дека оваа варијација во моделите на спиењето потврдува дека отсекогаш постои барем едно будно лице кога другите (најранливите) спијат.

Ова е познато како „хипотеза за стражарот“, а се заснова на тоа дека кај животните што живеат во групи секогаш има некој на стража додека другите спијат.

Додека повеќето експерименти за човечките модели на спиењето се спроведуваат во добро контролирани лабораториски услови, научниците од Универзитетот во Торонто ја изнеле својата опрема од лабораториите и на терен ги следеле обрасците на спиење кај народот Хиџа во Танзанија, кои сè уште живеат живот на ловци и собирачи. Тимот ги следел обрасците на спиење кај 33 припадници на племето во текот на 20 дена и ноќи.

Откриле дека во текот на периодот од 200 часа, сите припадници на племето спиеле истовремено дури 18 минути, што звучи навистина неверојатно. Просечната вредност изнесувала осум луѓе што биле „на стража“ во секое време, што значи 40 отсто од сите луѓе во групата.

Научниците откриле и фасцинантна разлика помеѓу образецот на младите и повозрасните припадници на народот Хиџа. Се покажало дека помладите луѓе почесто се „ноќни птици“, додека бабите и дедовците се ранобудници.

Тимот установил дека една од причините зошто бабите и дедовците живеат толку долго по своите репродуктивни години е нивната функција околу грижата за внуците, објаснил Дејвид Самсон, еден од авторите на студијата.

„Нашата хипотеза е дека нивното рано будење и пократко време на спиење имаат важна функција: старите членови служат како стражари во онаа доба од денот кога сите други спијат. Затоа е важно да има луѓе од сите возрасти во одредена група.“