Морган Фримeн за „самодисциплината“ која му овозможува активен живот и на 80 години!

Морган Фримeн за „самодисциплината“ која му овозможува активен живот и на 80 години!

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Морган Фримен
(Фото: Youtube Printscreen)


Актерот Морган Фримен е активен и на телевизија и на филм на своја 80-годишна возраст. Тој не само што не запира во својата актерска кариера, туку деновиве се прокламира и како извршен продуцент и ѕвезда на новиот документарец на „Нешенел џиографик“ со наслов „Приказна за нас“ (The story of us). Во неодамнешното интервју за „Бизнис инсајдер“, Фримен зборува за својот став кон самодисциплината која му овозможува да биде витален, како во животот така и во кариерата. Дисциплината за него има некаков вид војничка строгост.

На прашање за тајната на неговата долговечност, Фримен одговори дека таа лежи во „дисциплината“:

„Вежбањето е дел од таа дисциплина. Како јадете, исто така е дел од дисциплината. Се обидувам да не се прејадувам“, објаснува тој. „Во еден момент открив дека јадењето ни станало навика, а не нужна потреба. Затоа, ако јадењето го сведете на нужна потреба, ќе биде многу подобро за вас“. Фримен го споредува современото американско општество (иако тоа не е нужно исклучиво американско) и неговите прехранбени навики со некогашните, кога дебелината била реткост, а работите барале поголема физичка активност, па храната служела како „гориво“.

„Знаете ли дека во Америка има најмногу дебели луѓе во споредба со другите места? Тоа е така затоа што можеме да ги нахраниме“. Фримен натаму говори дека порано луѓето работеле физички понапорни работи – користеле секири, мотики, со еден збор – разни алати. Правеле пауза единствено за да јадат, а потоа продолжувале. А денес, како што истакнува Фримен, кога ќе станеме наутро, ги миеме забите, се облекуваме, се возиме до работното место, а потоа седнуваме пред компјутер.

Серијата на Фримен, која содржи шест епизоди, го следи актерот низ светот како разговара со различни луѓе, вклучително и со познати – како Бил Клинтон и Надја Толокно од групата „Пуси рајот“.

Тој ја опишува серијата како обид „да се намали тензијата меѓу луѓето што не се познаваат“.

Погледнете го трејлерот: