Стотина основци и нивни наставници станаа „википедијанци“ за една година

Стотина основци и нивни наставници станаа „википедијанци“ за една година

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

На втората Вики-конференција што се одржа минатата недела во Скопје учествуваа 65 наставници и професори од различни области, кои се согласија дека ваквиот приод за учење е предизвик за секој наставник



Онлајн-енциклопедијата Википедија на македонски јазик за само една година е збогатена со речиси 300 нови статии и 520 едитирани статии, велат од Здружението ГЛАМ Македонија, чија главна цел е прибирање, умножување и споделување на слободните содржини, како промоција на идејата дека сите луѓе имаат еднаков пристап до знаењето и образованието. Здружението дејствува како призната корисничка група во нашата земја од страна на меѓународната фондација „Википедија“, која ги координира активностите на признатите независни разграноци со кои има иста цел - воедно да ја одржува Википедија на македонски јазик како и останатите јазични Вики-проекти.

Фото: Фросина Стојковска

Шеесет и пет наставници од различни области минатава недела покажаа интерес да учествуваат на втората Вики-конференција што се одржа во порта „Македонија“. Станува збор за еднодневни обуки, можности за запознавање на наставниот кадар, со тоа што го нуди, како и начините на кои таа може да се употреби во наставата како алатка за освежување и збогатување на наставните содржини по сите предмети што се изучуваат според програмата во основните и во средните училишта.
Предавачи беа претседателката на здружението, Снежана Штрковска, која присутните ги запозна со работата на здружението, Игор Кузмановски, професор по хемија на Природно-математичкиот факултет од Скопје, кој се осврна на референците во Википедијата и како таа се користи како алатка и во високообразовните институции. М-р Матилда Бајкова, професорка по македонски јазик и литература, се задржа на образовната цел на користењето на Википедија како медиум во наставата и со практични примери и упатства до своите колеги посочи свои искуства од наставниот процес во користењето на информатичката технологија на часовите на кои учениците се партнери во процесот на учење.
Никола Стојаноски, професор по англиски јазик, практично покажа како може да се стане дел од големото ентузијастичко семејство на создавачи на статии на македонски јазик, отворање корисничка сметка и целата процедува за пишување статија, со тоа ги поттикна своите колеги да им се придружат на своите ученици во уредување, пишување статии на македонски јазик и збогатување на Википедијата на македонски јазик.


- Можностите се безбројни, креативноста огромна, а потенцијалот со оваа втора конференција, како нов хоризонт на соработка помеѓу колегите, беше доказ за успешноста на овој настан. Ваквиот нов приод за учење е предизвик на секој наставник, беше безмалку констатација на скоро сите учесници. Соработката со детските списанија, кои од годинава повторно се меѓу учениците, фрли едно ново светло за осовременување и збогатување на образовниот процес – вели наставничката Бајкова.
Интересно е што сè повеќе ученици и наставници се вклучуваат во надополнувањето на содржината на Википедија во земјава. Во Македонија постојат повеќе Вики-клубови, составени од основните и средните училишта во соработка со наставници кои волонтерски соработуваат, воедно и како воннаставна или слободна активност на учениците. Првиот Вики-клуб во Македонија е основан пред една година, како идеја на едукаторите од Музејот на македонската борба, Ана Вишинова и Даниела Митевска, како и професорките Штрковска и Бајкова.


Дел од учесниците: одделенските наставнички Катерина Стојкова и Лили Арсова и Матилда Бајкова, наставничка по македонски јазик

- Низ обуката за тоа како се поставуваат статии, како се користи Википедија како алатка за нови знаења и ширење на хоризонтите на учениците поминаа скоро стотина ученици од 6 до 9 одделение, а од оваа учебна година се придружија и ученици од средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Успешната приказна е остварена и продолжува со потпишување меморандуми за соработка. Членуваат ученици од повеќе училишта од Скопје - „Вера Циривири-Трена“, „Аврам Писевски“ од с. Бардовци, „Јан Амос Коменски“, „Св. Климент Охридски“ с. Драчево, „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане, Куманово, а во најава се и отворање можности и желба за соработка со училиштето „Васил Главинов“ од Велес, потоа училишта од Охрид, Ресен, Богданци – објаснува Бајкова.



Таа додава дека во текот на една година биле доделени и награди за активно учество, а биле одржани повеќе тематски маратони, како и еден уредувачки натпревар.
- Се гордееме со малите википедијанци, но и со овие ентузијасти и нивните поддржувачи - родителите. Особена гордост е наградата ИКОМ, која ја доби Вики-клубот во категорија музејска награда во соработка со едукаторите од Музејот на македонската борба. Како и наградата на член од Вики-клубот кој конкурираше на интернационален конкурс за најдобра статија во својата категорија – велат од ГЛАМ Македонија. Наскоро се планира и тридневен Вики-камп, што ќе биде еден вид дружење на википедијанците-ученици.