Италијанските региони Ломбардија и Венето прогласија автономија на референдумот

Италијанските региони Ломбардија и Венето прогласија автономија на референдумот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

afp
Фото: AFP

Најбогатите региони во Италија, Ломбардија и Венето, на 22 октомври одржаа референдум за да се обидат да добијат поголема автономија од централната влада. Но овој референдум нема никаква сличност со каталонскиот референдум, одржан на 1 октомври, а оценет незаконски од страна на шпанскиот Уставен суд.

Двата гранични региони, предводени од десничарската Северна лига, не бараат независност, туку поголема автономија за различни прашања.

Лидерите на двата региона на богатиот северен дел на Италија вчера победија на референдумот за поголема автономија од државата. Референдумот би можел да ја зајакне партијата, која има антиемигрантски ставови, а која ја очекуваат национални избори на почетокот од следната година.

Конечниот број на гласови покажа дека 95 отсто од гласачите во Ломбардија и 90 отсто од гласачите во Венето поддржале поголема автономија. Над 57 отсто од гласачите во Венето излегле на гласање, додека одѕивот во Ломбардија бил 38 отсто.

„Додека влијанието врз пазарите е веројатно ограничено, ова беше добар тест за Северната лига и за десничарските партии “, изјави Винченцо Лонго, аналитичар од Милано.

Додека законските, но необврзувачки референдуми немаат речиси ништо заедничко со неодамнешното гласање за независност на Каталонија, тие ги повторуваат движењата на автономијата во земјите, вклучувајќи ги Шкотска и Франција.

„Она што победи е идејата дека треба сами да бидеме одговорни за сопствената држава“, изјави Лука Заја, шеф на власта на Венето и еден од главните промотори на референдумите. Резултатите исто така докажуваат дека реформите се можни сè додека се во рамките на Уставот.

Заја и членот на Северната лига, Роберто Марони, претседател на регионот Ломбардија, тврдат дека резултатите од гласањето ќе им овозможат да се намали јазот помеѓу даночните давачки испратени во Рим и вредноста на државните услуги што ги добиваат за возврат. Се проценува дека регионот Ломбардија има недостиг од 54 милијарди евра, за кој се вели дека е највисок во Италија, додека Венето е трет со 15,5 милијарди долари.

Марони рече дека по гласањето ќе ги презентира предлозите за децентрализацијата на централната власт во Рим. Тој и Заја изјавија дека планираат да побараат повеќе овластувања за инфраструктура, здравство, образованието и за безбедносните прашања поврзани со имиграцијата.

Северната лига произлезе зајакната од референдумите како главен промотор, иако партијата на поранешниот премиер Силвио Берлускони и опозициското движење Пет ѕвезди ги поддржаа гласовите. Демократската партија на премиерот Паоло Гентилони беше поделена.