Не ставајте лајкови на овие страници на „Фејсбук“!

Не ставајте лајкови на овие страници на „Фејсбук“!

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


„Фејсбук“ на мобилен
(Фото: Getty images)


Кражбата на идентитети на интернет е одамна позната работа, но во последно време и сè позачестена појава и е придружена и со финансиски малверзации, предупредува PhoneArena. Овој портал како идеален пример ги наведува широко познатите страници на „Фејсбук“ кои подаруваат телефони, повратни картички, скапа и ексклузивна облека и многу други работи.

Ваквите страници ги злоупотребуваат лекоумните корисници за да стигнат до нивните лични податоци, да им го украдат идентитетот за подоцна да го искористат за различни малверзации, вклучително и кражба на пари преку интернет. Наводно добитниците се известуваат со порака преку „Месинџер“ дека добиле награда, а потоа им се бараат и нивните лични податоци. Наградата, наводно, никогаш не стигнува до добитникот, а неговите податоци се злоупотребуваат на разни начини.

Ваквиот вид измама вклучува и масовно собирање лајкови, кои сопствениците на лажните страници што нудат подароци подоцна ги продаваат и ги преименуваат на којзнае какви страници каде што остануваат вашите податоци, коментари, и сето она што преку вашиот профил на „Фејсбук“ сте го откриле за вас.

Како да препознам лажна фејсбук-страница?

Сите страници што нудат вредни награди, да речеме 100 телефони, 10 телефони, повратни билети, компјутери, скапа облека... најверојатно се лажни. Тоа не мора и нужно да биде така, но главно е така. Сите тие страници инсистираат да им лајкнете, да ги споделите на вашиот ѕид, да тагнете неколку ваши пријатели, да оставите ваш коментар и уште некои други работи.

Вистинските страници градат имиџ на своите содржини и никогаш не се служат со вакви инстант-трикови. Инстант-страниците за мал временски рок се обидуваат да соберат што поголем број лајкови и градат база на лековерни корисници, кои можат да ги искористат за злоупотреби штом ќе им се укаже некаква можност.

Како да знам која страница е вистинска?   

Совет за сите е доколку не сте стопроцентно сигурни дека зад таа страница стои регуларен и реален бренд, никако да не споделувате податоци со тие страници. Легалните страници, дури и кај нас, главно се означени со сини крукчиња, што значи дека се безбедни и верификувани, па тогаш слободно можете да си играте на нив. Исто така, не бидете мрзливи – распрашајте се кај ваши пријатели за страницата или контактирајте и истражувајте за неа, доколку не можете да ја пронајдете на мрежата на „Фејсбук“.