Можете да купите државјанство и пасош - еве како!

Можете да купите државјанство и пасош - еве како!

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

3

Излегува дека парите не само што можат да купат гламурозен одмор на Карибите или прекрасен апартман - туку можат да купат и државјанство. Сега, најелитните патници во светот се пријавуваат за државјанство преку инвестициски програми (CIP) каде што инвестирањето во економијата на една земја овозможува лесен пристап до помоќните пасоши.

„Генерално, CIP привлекува поединци од земји чии пасоши нудат ограничени можности за патување, како што се Кина, Русија и земјите од Блискиот Исток“, вели Нури Кац, основач на меѓународната финансиска советодавна фирма „Алекс капитал партнерс“.

„Повеќето поединци што инвестираат се високи претприемачи со нето-вредност од околу 2 до 15 милиони долари.

Консултантската фирма „Хенли & Партнерс“ го прогласи германскиот пасош за најпосакуван во светот во својот Индекс за ограничување на визите во 2017 година благодарение на нејзиниот безвизен влез во 177 земји.

За оние што имаат помалку посакуван пасош, CIP нуди алтернатива. Правната рамка им овозможува на странците да се здобијат со пасоши што отвораат врата со тоа што прават големи финансиски придонеси, обично во развојот на инфраструктурата или во државните обврзници.

Концептот започнал во 1984 година, кога федерацијата Св. Китс и Невис на Карибите го вовела оригиналниот CIP. Практиката станала популарна во 2009 година кога земјата почнала во голема мера да ги рекламира своите можности.

Со текот на годините таквите програми станале стандард во развиените земји - Америка, Канада и Обединетото Кралство, како и во неколку земји во Европа.

„Сепак, многу други земји размислуваат за усвојување вакви програми. На пример, Црна Гора, Грузија и Казахстан работат на креирање програми, а неколку други земји на Балканот ги земаат предвид“, вели Кац.

 Кац проценува дека денес околу 5.000 луѓе секоја година стекнуваат државјанство во странство токму преку CIP.

И самиот Кац е еден од нив. Првично американски државјанин, претприемачот стекнал државјанство во Израел и во Канада, каде што живеел долг период. Подоцна добил државјанство во Св. Китс и Невис, преку инвестиција со недвижности. Исто така, тој е државјанин на Антигва бидејќи таму купил куќа - и денес таму живее со своето семејство.

Можеби се чини лесно, меѓутоа, ваквите процеси на аплицирање може да потраат неколку месеци - ако не и години. Обично апликантите подлегнуваат на темелни финансиски и криминални процени за да докажат дека парите се заработени легално, пред да им биде одобрено државјанство.

Американската CIP-програма е меѓу најтешките за добивање. Кандидатите мора да исполнуваат услов за престој од пет години пред да бидат квалификувани да аплицираат за државјанство - што не е гарантирано.

2

„Сите националности се подобни за програмата за имиграција на инвеститорите во Америка - повеќето апликанти се од Кина, но многумина се од Иран, Нигерија, Русија, Мексико и Египет“, вели Кац.

CIP се движи од 100.000 долари на островот Доминика до минимум 2,4 милиона долари во Кипар, а најдобрите пасоши, во однос на мобилноста, најчесто се и најскапи.

„Кипар е меѓу најскапите поради повеќе причини. Една од нив е и тоа што живеењето во Европа се смета за вредно. Дополнително, инвестицијата во Кипар е недвижен имот и постои чувство меѓу инвеститорите дека пазарот на недвижности во Кипар има добри цени и инвестирањето таму може да доведе до добри резултати“, додава тој.

Друг популарен пасоши е португалскиот, каде што златната визна програма на земјата обезбедува дозвола за престој од две години и брз пат до државјанство. Цената? Идните жители на Португалија мора да купат недвижен имот со вредност од минимум 419.160 долари, или да создадат 10 работни места во земјата. Во меѓувреме, земјите како Антигва и Барбуда, на Карибите, се поевтини - со само 200.000 долари придонес во Националниот фонд за трансформации. Сепак, има дополнителна такса од 50.000 долари за едно четиричлено семејство.

1
2
3
4
Фото: CNN

Постојат и професионални бенефиции. Бизнис-патник со политички проблематичен пасош нема да има време да троши недели или месеци за да одобри скапи визи. Наместо тоа, тој би можел да смета дека е вредна инвестицијата од 600.000 долари во државни обврзници во Бугарија и уживање во беспрекорно патување во 140 земји, без визи, за поефикасно патување.

„Бизнис-патниците треба да бидат мобилни и да не бидат ограничени со барање визи за сите земји кога треба да патуваат. На пример, еден кинески бизнисмен за да патува во Париз и во Лондон, најпрво мора да оди во француската амбасада и да побара виза, а потоа и во британската амбасада да го стори истото“, вели Кац.

За американските државјани, вториот пасош би можел да биде во корист ако еден Американец патува во нестабилна земја или сака да живее и да работи во Европа. Американците можат да имаат повеќе пасоши, но ако сакаат да избегнат даноци во Америка, или двојно оданочување, оние што живеат во странство мора да се откажат од своето државјанство.

Постојат и луѓе што едноставно собираат пасоши како кој било друг статусен симбол, од автомобил до летни домови.

„Тоа покажува дека некој достигнал одредено финансиско ниво кое му овозможува да инвестира во второ државјанство“, вели Кац.

CIP обезбедува економска поддршка за посиромашните земји и за личните бариери на инвеститорите. Но тие не се без контроверзии. Кејт Хупер, аналитичар за политички анализи во интернационалната програма на Институтот за миграциски политики во Вашингтон, вели дека мешаниот прием на овие програми вклучува обврска на владата да ги следи изворите на приход.

„Точните постапки за длабока анализа не се објавуваат јавно, и многубројните извештаи предизвикаа загриженост за тоа колку се ефективни овие процеси", вели Хупер.

„Со текот на годините, имаше неколку случаи каде што државјанството им било доделено на луѓе без соодветно испитување“, додава таа.

Исто така, некои експерти изразуваат загриженост за економските и политичките несакани ефекти.

Џорџ де Мартино, професор по меѓународна економија и етика на Универзитетот во Денвер, сугерира дека CIP може да предизвика несакани ефекти.

„Овие програми не обезбедуваат соодветно решение за проблемот со недостигот на капитал во посиромашните земји“, објаснува Де Мартино.

Исто така, постои потенцијално посериозен проблем што ја вклучува политиката, вели тој.

„Програмите како што се овие се закануваат да го намалат политичкото братство со тоа што ќе им дадат посебни привилегии на веќе привилегираните“, објаснува Де Мартино.

„Тие им овозможуваат на оние со најмала потреба да мигрираат и да постигнат државјанство во новата земја како најголема можност да го сторат тоа, додека оние што се многу очајни да мигрираат, на пр., оние што се соочуваат со тешки економски околности дома, целосно се исклучени од придобивките од овие програми. Програмите не се причина за оваа нееднаквост, но ја засилуваат“.