Училиште ги охрабрува децата да трчаат низ ходниците

Училиште ги охрабрува децата да трчаат низ ходниците

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Деца трчаат низ училишен ходник


„Нема трчање по ходници!“, тоа го слушаат сите деца уште првиот ден на училиште. Меѓутоа, учениците во едно канадско училиште веќе не мора да се потресуваат за секој свој чекор.

Имено, во училиштето „Панорама хилс“ во Калгари децата се поттикнуваат да скокаат, да се растрчуваат и да танцуваат низ ходниците. За таа цел, управата поставила и посебни подни плочки во разни дезени.

Зад ова иницијатива стои училишниот експерт за физичка активност, Крис Фенлон-Мекдоналд. Знаејќи колку малку се движат денешните деца, тој размислувал како да се поттикнат децата на движење за време на одморите. По учеството на една работилница за телесна едукација, дошол до идеја да воведе промени во училиштето каде што работи.

„И наставниците и учениците премногу време поминуваат седејќи. Зошто тогаш шетањето на одморите да не биде активно?“

Фенлон-Мекдоналд во соработка со математичарот од калгарискиот совет за образование смислил серија на подни дезени кои истовремено поттикнуваат на креативни движења и развиваат математички вештини. На пример, просторот меѓу обоените плочки се зголемува двократно меѓу секоја низа. Или се менуваат различни бои...

Кога увидела колку малку чини оваа новина, управата на училиштето ја прифатило идејата со раширени раце. Ги искористиле плочките што веќе ги имале во магацинот.

Децата станале физички поактивни по оваа промена, за што потврдиле и педометрите кои им биле дадени на учениците заради испитувањето, и кои покажале дека децата дневно прават и по 1.000 чекори повеќе во споредба со претходниот период.

Фенлон-Мекдоналд планира да објави студија од своите наоди, надевајќи се дека нивниот пример може да се примени и на други јавни простори – трговски центри, аеродроми, тротоари.

„Физичката активност не мора да се сведува само на вежбалници“, порачува овој иновативен наставник.