Kако пациент од Македонија да ја добие кубанската вакцина за рак и колку чини

Kако пациент од Македонија да ја добие кубанската вакцина за рак и колку чини

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во CubaHeal испративме предмет од Македонија, од пациент кој боледува од Non Small Cell Lung Carcinoma. Основните прашања беа дали може да се лекува во Куба, да ја добие кубанската вакцина, колку ќе го чини терапијата ако замине од Македонија, дали ќе му помогне? Напоменуваме дека текстот не е реклама, ниту промоција на CubaHeal, туку можна опција да се спаси нечиј живот.


Вакцината CimaVax

Србија е единствената европска земја со која Куба потпишала меморандум за 30 пациенти да ја примат т.н. кубанска вакцина за третирање еден вид рак на белите дробови, велат од канадската фирма CubaHeal, која се занимава со медицински туризам и врши логистика за пациентите што избираат да се лекуваат во Куба. Лекувањето во Куба за пациенти од Македонија, пак, чини од 10.000 евра до 23.000 евра, во зависност од дијагнозата за болеста и од терапијата.

По бомбастичната најава во декември 2015 година дека и во Македонија ќе стигне кубанската вакцина, надеж добија многу пациенти што боледуваат од кобната болест. Лани се прошири уште една непроверена вест, дека на Клиниката за онкологија и радиологија се пристигнати вакцини од Србија, па се прават списоци на пациенти со рак на белите дробови. Терапијата никој не ја доби. Деновиве, по интервјуто на Факултети.мк со новиот директор на Онкологија, д-р Нино Васев, кој посочи дека на вакцините од Србија им бил истечен рокот и се вратени во таа земја, имаше секакви реакции.


Американецот Мик Филипс, на редовна контрола во Куба

Во CubaHeal испративме предмет од Македонија, од пациент кој боледува од Non Small Cell Lung Carcinoma. Основните прашања беа дали може да се лекува во Куба, да ја добие кубанската вакцина, колку ќе го чини терапијата ако замине од Македонија, дали ќе му помогне? Напоменуваме дека текстот не е реклама, ниту промоција на CubaHeal, туку можна опција да се спаси нечиј живот. Во продолжение го објавуваме интегрално одговорот од CubaHeal, која со дозвола од Куба посредува меѓу пациентите од цел свет и кубанските онколози:

„Благодариме што нè контактиравте за повеќе информации кои се однесуваат на можното третирање на Non Small Cell Lung Carcinoma (NSCLC) во Република Куба. Би сакале да го нагласиме фактот дека Србија е единствената европска земја што има потпишано меморандум со Куба за 30 пациенти да бидат третирани со CimaVax-EGF како дел од клиничкиот третман. Препорачливо е пациентот или личноста која сака да се лекува да се распраша дали е подобна да биде дел од терапијата.

Нагласуваме дека во овој момент не можеме да одредиме дали конкретниот пациент е подобен да ја прима CimaVax-EGF поради фактот што немаме информација за мутацијата на карциномот, дали е од типот EGF positive или EGFR positive. Имајте предвид дека CimaVax-EGF се препишува за пациенти што имаат дијагноза Non Small Cell Lung Carcinoma EGF positive како примарен карцином. CimaVax може или не може да им се препише на пациенти чиј рак метастазирал во мозокот, црниот дроб и/или лимфните жлезди. Сè зависи од тоа колку е проширен, каква претходна терапија примал пациентот и какви се резултатите од тоа.

За EGFR positive мутацијата, Куба нуди лекување со Racotumomab (позната и како Vaxira). Оваа вакцина исто така е развиена во Куба и се заснова на активна имунотерапија и исто како CimaVax-EGF има многу ниско ниво на токсичност и покажува одлични резултати во зголемувањето на квалитетот на животот на пациентите болни од рак. Исто така, антикарциномната вакцина Nimotuzumab (позната и како CIMAher) е развиена во Куба за лекување на NSCLC, рак на хранопроводот, одредени типови ракови на дојка, глава и на врат, како и за одредени типови рак на панкреас и на простата.


Мик Филипс ја прима вакцината од 2012 година

Ве молам имајте предвид дека овие вакцини не се вакцини во конвенционална смисла и не ве прават имуни на карцином. Тоа значи дека овие вакцини не ги напаѓаат директно карциномните клетки, туку дејствуваат на тој начин што ги спречуваат карциномните клетки да растат стимулативно и на тој начин го забавуваат прогресирањето на карциномот. Исто така, треба да знаете дека вакцините може да бидат придружени со хемотерапија или со друг конвенционален метод на лекување на рак. Сè зависи од тоа дали пациентот веќе примал некаква терапија и дали кубанските медицински надлежни органи сметаат дека конкретниот пациент ќе има полза од лекувањето.

Ова е многу важно:
  • Одлуката дали на некој пациент ќе му биде понуден третман со некоја од вакцините може да се одреди исклучиво откако кубанските медицински надлежни органи ќе ја евалуираат состојбата на пациентот, врз основа на неговиот/нејзиниот онколошки тим.
  • Улогата што ја има CubaHeal, а ни е доверена од кубанските медицински надлежни органи, е да ги советува пациентите што бараат лекување во Куба за тоа кои програми се достапни за нивната специфична состојба и да ги обезбеди сите потребни документи и да ги препрати до соодветните оддели во кубанските медицински надлежни органи. Нашата улога исто така е да ја обезбедиме сета логистика откако лекувањето ќе биде прифатено, вклучувајќи и сместување, планови за оброци, земање од и носење до аеродром, локален транспорт и начинот на кој се плаќаат услугите. CubaHeal не дијагностицира, не дава медицински совети, не препишува, ниту продава лекови.
Трошоците за некоја од програмите на лекување, со некоја од вакцините, зависат од пациент до пациент, со оглед на фактот што секој случај е специфичен за себе и индивидуален. Сепак, генерално, водете се според овие цени:

CimaVax:
  • Ако пациентот патува сам, би чинело околу 11.496 кубански пезоси (CUC) - 9.775 евра.
  • Ако пациентот патува со придружба, би чинело околу 11.876 CUC – 10.098 евра.

Racotumomab:
  • Ако пациентот патува сам, би чинело околу 12.775 CUC – 10.862 евра.
  • Ако пациентот патува со придружба, би чинело околу 13.155 CUC – 11.185 евра.

Nimotuzumab:
  • Ако пациентот патува сам, би чинело околу 26.343 CUC – 22.399 евра.
  • Ако пациентот патува со придружба, би чинело околу 26.723 CUC – 22.721 евра.

Во цената е вклучено:
  • Темелни лабораториски и дијагностички тестирања.
  • Програмата за лекување.
  • Сместување во еднокреветна, односно двокреветна соба.
  • План за три оброци дневно.
  • Земање од и враќање до аеродром.
  • Локален транспорт.

Откако ќе заврши првата фаза, пациентот ќе треба повторно да биде испитан, или повторно да отпатува во Куба, или тоа да го стори во својата татковина. Во зависност од одлуката, треба да ни ги достават новите извештаи нам, за да им ги предадеме на кубанските медицински надлежни органи. Тие ќе одредат дали е потребна дополнителна вакцина. Ако е потребен понатамошен третман, пациентот има можност да патува до Куба за да ја прими вакцината или да испрати овластено лице да ја земе вакцината.



За да успеат кубанските медицински надлежни органи добро да ја оценат состојбата на пациентот, исклучително важно е да ја добијат целосната документација за пациентот. Затоа, потрудете се целата медицинска историја на болеста да ја имате во онлајн-форма. Ова подразбира дигитална обработка на фотографиите, првичната дијагноза, веќе примената терапија и последните извештаи за состојбата на пациентот.

Дополнителна информација, од 1 август 2015 година, CubaHeal наплаќа 135 канадски долари (90,84 евра) иницијален депозит. Оваа сума ќе биде одземена од конечната цена за лекувањето, или ќе биде рефундирана ако не биде одобрено лекување. Доколку пациентот не го прифати понуденото лекување, депозитот ќе биде задржан и ќе се смета како такса за консултација.

Поради големиот интерес на пациентите да се лекуваат во Куба, на кубанските медицински надлежни органи им требаат од 10 до 14 дена (без национални или верски празници) да одговорат за одреден случај, откако ќе ги примат документите“.

Линк за контакт: https://www.cubaheal.com/contact/