Рубен Вардањан, ерменско-руски инвеститор и социјален претприемач: Отсекогаш знаев дека сакам да го сменам светот

Рубен Вардањан, ерменско-руски инвеститор и социјален претприемач: Отсекогаш знаев дека сакам да го сменам светот

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Рубен Вардањан е познат и влијателен инвеститор, социјален претприемач и филантроп. Роден е во Ерменија, а израснал во советскиот систем, за кој вели дека е многу различен од светот во кој живееме денес. Тој е и еден од говорниците на овогодишниот Самит во организација на Македонија 2025, што ќе се одржи на 1 и 2 ноември.




Татко му бил професор, исто така и неговиот дедо, па затоа образованието отсекогаш било еден од главните интереси за сите членови во неговото семејство. Неговото семејно наследство е виновникот што цврсто верува дека професијата наставник сè уште е една од најдобрите и најважните професии. Иако не е директно инволвиран во ова поле, вели дека тоа е причината што посветува толку време на образованието само од бизнис-перспектива. Рубен Вардањан е познат и влијателен инвеститор, социјален претприемач и филантроп. Роден е во Ерменија, а израснал во советски систем, за кој вели дека е многу различен од светот во кој живееме денес. Потоа се преселил во Москва пред распаѓањето на Советскиот Сојуз и станал инвестициски банкар во „новата Русија“, средина која ја опишува како „див капитализам“. Тој е и еден од говорниците на овогодишниот Самит во организација на Македонија 2025, што ќе се одржи на 1 и 2 ноември. Во интервјуто за Факултети мк., Вардањан зборува за неговите најголеми успеси, за тоа во каков свет живееме, но и што им е потребно на младите за добро образование.

- Длабоко верувам дека промените што се случуваат во светот се поврзани со фактот дека поединецот станува клучен елемент, главна движечка сила и главен извор на промени и успех или неуспех на секое општество или држава. Преминот од капитализмот во „талентизмот“, како што велат некои од нашите колеги, значи дека клучот за успехот на која било земја ќе биде образованието што ги задоволува барањата на информативната ера – вели тој.

Вие сте еден од главните говорници на претстојниот Самит организиран од Македонија 2025. Каква порака ќе им испратите на учесниците?
- Постојат повеќе од 30 земји во светот што имаат слична популација и географска област и кои во последните 30 години се балансираат во нереално развојна состојба. Земјите како што се овие не се атрактивни за инвеститорите поради нивните мали економии и ниското очекување за враќање на инвестициите, така што нивниот одржлив развој не може да се постигне преку постојните меѓународни развојни институции и алатките што им се на располагање. Убедени сме дека транзицијата на малите земји, како што се Ерменија и Македонија, e можна благодарение на новиот развоен пристап. Ќе разговарам со учесниците на Самитот за овој нов пристап и нов модел на институциите за развој, за кој веруваме дека може да биде механизам за промена на светот, за секоја земја во свое време. Во иднина тој може да функционира во која било земја во светот, во која било меѓучовечка заедница, каде што има обем и желба за развој.

Колку често прифаќате да учествувате на вакви настани?
- Треба да напоменам дека нема многу настани како овој. Но, глобалната агенда се менува и мило ми е што бројот на ваквите настани постојано се зголемува.

Вие сте еден од најуспешните и највлијателни инвеститори и социјални претприемачи. Која е Вашата приказна и како станавте она што сте денес?
- Учев многу и мислам дека сум добар во примената на теоријата што сум ја научил. Татко ми беше професор, како и мојот дедо, па затоа образованието беше секогаш еден од главните интереси за сите членови во нашето семејство. Моето семејно наследство е виновникот што цврсто верувам дека професијата наставник сè уште е една од најдобрите и најважните професии. Но и покрај тоа што не сум инволвиран во тоа поле директно, тоа е причината што посветувам толку време на образованието само од бизнис-перспектива. Роден сум во Ерменија и израснат во советски систем, кој е многу различен од светот во кој живееме денес. Потоа се преселив во Москва пред распаѓањето на Советскиот Сојуз и станав инвестициски банкар во „новата Русија“, средина која можеше да се опише само како „див капитализам“. Работев со меѓународни клиенти и научив како да работам во системи со различни стандарди, каде што сè беше во постојана состојба на промени. Морам да напоменам дека најважното нешто што го научив на моето патување е дека треба да го задржите својот идентитет, да знаете точно кој навистина сте, но истовремено да учите од ситуацијата околу вас за да можете да се приспособите на неа.

Една од моите предности е мојата способност да поставам цели со децении однапред и да сонувам за остварување на уште поголеми цели. Сè уште бев студент кога се случуваше перестројката, но јас веќе имав одлучено каде сакам да бидам за 20-30 години и како дел од мојот целосен план почнав да правам позитивни промени за мене и за тие околу мене. Со тоа формулирав неколку основни принципи според кои би живеел. Најпрво, работа на долг рок. Второ, секогаш и насекаде стремете се кон апсолутен максимум за да се предизвикате себеси и да си докажете и на себе и на другите дека невозможното е сепак возможно. Трето, да ги пронајдете вистинските партнери за вашите проекти и да ги „инфицирате“ со вашите идеи, со што ќе решите уште една фундаментална задача - проширување на кругот на доверба.
* Што го сметате за Ваш најголем успех во животот?
- Треба да кажам дека деведесет и пет проценти од луѓето не можат да кажат каде сакаат да бидат за 20-30 години и како го мерат нивниот успех. Секој има свои критериуми: за некој успехот значи пари на нивните сметки; за другите тоа е моќта, чувство дека можат да манипулираат со луѓе. Моите критериуми за успех отсекогаш биле почит, професионалност и стекнување доверба кај луѓето. Луѓето ми веруваат бидејќи гледаат дека не само што собирам пари за проекти туку и ги инвестирам. Имам успешни проекти, а луѓето ги гледаат и ги разбираат. Исто така, разбираат и низ кои принципи беа направени: сите собрани пари одат во проектот и најважен е колективниот принцип - никој не се обидува да го преземе проектот.

Вие сте познати и по вашите финансиски проекти и филантропски програми, како и првиот UWC колеџ во Источна Европа (Дилиџан, Ерменија) и проектот „Татев“, кој вклучува изградба на најдолгата жичница во светот што води кон древен манастир. Што Ве мотивира да помагате?
- Ги идентификував седумте главни мотиви за луѓето да се вклучат во филантропијата: 1. Емоционална приврзаност кон одредено место и желба да помогнат да се подобри; 2. Желбата да се биде „член на клубот“ на почитувани луѓе кои ги делат овие, или некои други, добротворни аспирации; 3. Идејата за создавање наследство за себе; 4. Разбирање дека богатите треба да споделат со сиромашните, понекогаш од чувство на вина, а не поради тоа што се богати; 5. Религиозни и морални принципи; 6. „Договор“ со владата, т.н. принудена филантропија; 7. Стратешка визија за развој, разбирање дека добротворноста е дел и парче на прогресивен развој.

Се покажа дека јас секогаш точно знаев што сакам во животот и ја гледав мојата иднина. Отсекогаш знаев дека сакам да го сменам светот. Оттука беше многу важно за мене да најдам некакво значење кое нема да се мери само во пари или во службени титули. Откако привремено започнавме со спроведување добротворни проекти во Ерменија на почетокот на 2000 година, заедно со нашите партнери наскоро сфативме дека спорадичната филантропија не донесе никакви системски промени, ниту овозможи балансиран и одржлив модел на развој и ги постави основите за стабилен просперитет на земјата и нацијата како целина. Филантропијата е важна, но само ако служи како крајна цел за да се дојде до позитивни промени и подобрување на системско ниво. Ова разбирање доведе до системски пристап во потрагата по модели за развој на Ерменија и подобри промени.

Инвестирате и помагате во образовниот сектор. Имате собрано повеќе од 500 милиони долари за финансирање на првото бизнис-училиште во Русија. Каков вид образование треба да им понудат земјите на младите луѓе и за што треба да ги подготват?
- Значи, се вративме од каде што почнавме - образованието. Длабоко верувам дека промените што се случуваат во светот се поврзани со фактот дека поединецот станува клучен елемент, главна движечка сила и главен извор на промени и успех или неуспех на секое општество или држава. Преминот од капитализмот во „талентизмот“, како што велат некои од нашите колеги, значи дека клучот за успехот на која било земја ќе биде образованието што ги задоволува барањата на информативната ера. Затоа, современото образование не е само важна инвестиција за во иднината, туку и главна инвестиција во сегашноста. Воведувањето нова технологија со себе носи и потреба за брзо стекнување надлежности. Преселбата кон „беспилотни економии“ доведе до исчезнување на традиционалните занимања и појавување на нови кои бараат интелектуални вештини и квалитети за донесување нестандардни одлуки. Зголемената стапка на промени води до тоа традиционалните вештини да станат основни, а повеќето вештини во побарувачката да бидат оние на крстосницата на традиционалната сфера и новата технологија. Човештвото порано не живеело во таков комплексен и брз свет. Значи квалитетите на побарувачката во 21 век се приспособливост, способност да се најдат иновативни решенија и толеранција кон несигурност. Ова се квалитетите што образованието на 21 век треба да ги всади кај младите луѓе.

Гледајќи во Вашата биографија, може да се забележи дека постојано сте во контакт со различни типови луѓе. Сметате ли дека веќе сте ја совладале вештината на „читање“ на луѓето?
- Не, не би го кажал тоа бидејќи направив грешки кога им верував на некои луѓе. Но, сепак, мислам дека е важно да се верува дури и ако нема доволно рационални аргументи за тоа. Препорачувам да ја прочитате книгата „Доверба“ на Френсис Фукујама, која објаснува дека колку помалку доверба постои во општеството, толку помалку шанси постојат за стабилен и успешен развој. Друга работа за која верувам дека е една од најкритичните во светот, која станува сѐ повеќе меѓусебно поврзана, е способноста луѓето да се слушаат едни со други, да се разберат луѓето со различни погледи или кои претставуваат различни култури и да се изгради дијалог со нив. Изолацијата и „градењето ѕидови“ немаат иднина и единствениот начин на кој можеме да обезбедиме мирна иднина за планетата е да комуницираме едни со други и да работиме заедно.