Крсто Златков, маркетинг-специјалист во „Seavus“- едукативен и развоен центар: На Академијата за визуелни уметности место ќе си најдат графички дизајнери со нагласен уметнички израз

Крсто Златков, маркетинг-специјалист во „Seavus“- едукативен и развоен центар: На Академијата за визуелни уметности место ќе си најдат графички дизајнери со нагласен уметнички израз

Секогаш иновативни и во чекор со времето. Seavus – едукативен и развоен центар годинава ја промовира новата програма – Академија за визуелни уметности и за моден дизајн. По тој повод разговараме со Крсто Златков, маркетинг-специјалист во Seavus – едукативен и развоен центар.



Успешните графички дизајнери се мултидисциплинарни личности кои се богати со мисла и идеја, вели, меѓу другото, тој.

„Seavus“- едукативен и развоен центар оваа година ја збогати својата програма со Академијата за визуелни уметности и моден дизајн. Зошто баш овие две насоки? Што ве мотивираше за проширување на дејноста во ова област?

- Едноставно не можете да избегате од сопствените гени, од својата ДНК. Па така и СЕДЦ од својата Групација Seavus ги наследи нејзините најсилните карактеристики – постојана потреба од иновации и развој. Всушност, самите ние сме едукативен и развоен центар што работи постојно на нови едукативни програми и подобрување на постојните.

Нашиот фокус во изминатите седум години од своето постоење е во областа на програмирањето, компјутерските мрежи и дизајнот. Оваа година направивме неколку нови чекори, и тоа: отворивме нова Академија за веб-програмирање во Охрид, Академијата за компјутерски мрежи ја проширивме со нова насока за мрежни инженери и се одлучивме да работиме со најдобрите во областа на дизајнот, а тоа е школата за уметност „Џолев и Уметностите“ чија соработка резултираше со две нови насоки во Академијата за дизајн - Визуелни уметности и Моден дизајн.



Академијата за визуелни уметности беше повеќе од неопходна доколку сакаме да „продуцираме“ квалитетен кадар кој ќе се занимава со дизајн, особено со графичкиот, а со Академијата за моден дизајн сакаме да ги „скршиме“ стереотипите за тоа дека само атрактивноста на професиите е клучен и доволен фактор за успех. Со овие академии ги охрабруваме оние лица што навистина знаат што сакаат, а се плашат да ги исполнат своите соништа.

Што ги прави уникатни и единствени овие програми за визуелни уметности и моден дизајн?

-Програмата од Академијата за визуелни уметности, пред сѐ, е наменета за графички дизајнери со нагласен уметнички израз, кои нема да ги познаваат само софтверите и алатките за дизајн, туку и ќе размислуваат пошироко. Овие дизајнери ќе знаат да пристапат на дизајн-проблемот и да понудат решение со вредност и автентичност. Ќе знаат да го живеат дизајнот и да дискутираат за него без престан. Такви дизајнери ни се потребни на пазарот. Пробајте и разговарајте со успешни графички дизајнери и видите дали се тоа само дизајнери или се работи за мултидисциплинарни личности на кои можеби и техничкиот дел не им е секогаш најдобар, но затоа се богати во мислата и идејата. Затоа и оваа програма е збогатена со повеќе визуелни медиуми, меѓу кои фотографија и видео, сѐ во насока на веќе споменатата цел.

И двете програми содржат нешто што го нема во учебниците. Од една страна, тие се уникатни, затоа што не се препишани од големите универзитети, туку се напишани според долгогодишното искуство на нашите ментори, условите на домашниот пазар, но истовремено и според глобалните естетски, медотолошки и етички тенденции. Од друга страна, вие можете да ја имате и најдобрата програма на светот и најдобрите услови за работа, но доколку ги немате вистинските луѓе кои ќе знаат да го пренесат своето знаење и искуство, кои ќе знаат да бидат вистински тутори, ментори, ваши идоли и причина да го работите тоа што го сакате, тогаш не сте успеале.



Токму затоа, зад овие програми стои „дрим-тимот“ на македонската уметничка и дизајн-сцена, и тоа: Зоран Кардула, Петар Павлов, Никола Узуновски, Небојша Вилиќ, Влатко Ристов, Никола Булески – Буле, Никала Ефтимов, Ирина Тошева, Александра Јовановска, Стефан Сидовски – Сидо, Блашка Миева и Дејан Џолев.

Каков е интересот на пазарот на труд за кадар од овие области? Дали по завршувањето на соодветната програма студентите ќе бидат подготвени да одговорат на барањата на пазарот?

- Кај нас сите програми се технички и „job oriented“ чие знаење лесно може да се примени во пракса. Целта на овие академии е по нивно завршување веднаш да започнете со работа. Во однос на интересот, денес голем број луѓе се едуцираат исклучиво следејќи ги пазарните трендови и побарувачката на пазарот на труд. Но, дали е тоа добро? Според нас, рецептот за успех е кандидатите да се едуцираат според нивните лични афинитети и желби. Професиите не ги избираме ние, туку тие нѐ избираат нас, и ако ова го прифатиме и силно се фокусираме, професионалниот успех и можноста за добра кариера сигурно нема да изостанат.



Овие програми на студентите ќе им помогнат токму во тоа, да станат тоа што навистина го посакувале. Честопати во разговор со потенцијалните студенти добивам прашање дали дипломата ќе им помогне да најдат работа и тука веќе знам дека тие луѓе не се доволно гладни за да успеат. Го бараат најбрзиот пат, а тој не постои.

Можностите, пак, од овие две aкадемии се големи. Модни дизајнери, костимографи, кројачи, модни илустратори, новинари, стилисти, графички дизајнери, илустратори, фотографи, кинематографи, режисери, креативни директори и претприемачи се дел од нив кои ги истакнавме и во самата програма.

Во моментов, актуелен е повикот за доделување стипендија за новите скадемии. Како може да се дојде до истата?

-Со цел да им помогнеме и да ги охрабриме оние што навистина имаат квалитетни портфолија и желба да се реализираат себеси, решивме да отвориме повик за стипендии. Повикот е отворен до 3 ноември, апликацијата се наоѓа во настанот „Аплицирај за стипендија“, кој е објавен на нашата фан-страница на „Фејсбук“, а секој четврток и петок се одржуваат интервјуа со пријавените кандидати. На интервјуата кандидатите имаат можност да ги претстават своите досегашни портфолија (фотографии, дела во сликарска или цртачка техника, видео, модни илустрации или моден продукт) пред менторите и координаторот од академиите. Од првите интервјуа навистина имавме силни кандидати, и тоа нѐ радува.

Наставата започнува на 20 ноември. Реално, што да очекуваат студентите запишани на овие академии?

-Познавајќи ги менторите од двете академии, квалитетот е неспорен, а на дискусијата и работата на часовите сигурно ќе им нема крај. Наставата е поделена во три семестри кои ќе траат до септември 2018 година, каде што третиот е задолжителна пракса. Се работи за нетрадиционални и флексибилни едукативни методи на настава која вклучува практична активност во студио, ателје и компјутерска лабораторија, како и реализација на портфолио и финален производ со негово јавно претставување на крајот од академската програма, преку галериска изложба со цел лично претставување и започнување на кариера.