Можност за вработување во Сеавус преку талент програмата од областа на вгнездени технологии

Можност за вработување во Сеавус преку талент програмата од областа на вгнездени технологии

Кандидатите во текот на овој настан ќе се стеканат со знаење кое, на страна од оваа талент програма, се добива со исклучително скапи тренинзи кои се движат во рамките на 5-7000ЕУР и практично искуство кое не се нуди на други места, вели Благој Ќупев, менаџер на дивизијата за вгнездени технологии во Сеавус



Што претставува “Embedded” талент програмата? Кога и каде ќе се оддржува истата?
Дивизијата за вгнездени технологии во Сеавус традиционално одржува талент програми и летни пракси веќе 10 години, на различни теми во зависност од технолошките трендови. Талент програмата која следно ќе се одржи, ќе биде фокусирана на корекција и доработка на Линукс оперативниот систем за користење во вгнездените системи. Во текот на оваа програма слушателите ќе се стекнат со подетално познавање на механизмите за конфигурирање на оперативниот систем и доработка на кернелот и модулите за стартување (boot loader).

Тренингот ќе се одржи во просториите на Сеавус, каде ќе обезбедиме потребна информатичка инфраструктура вклучувајќи ги и потребните вгнездени системи на кои присутните ќе можат да ја изведат и практичната работа. Почетокот на тренингот ќе биде на 20ти Ноември 2017.

Кои се преферирани кандидати и кои компјутерски јазици треба да ги познаваат?
Преферирани кандидати се сите заинтересирани студенти или инженери кои од секогаш имале желба да научат како функционира еден модерен оперативен систем како што е Линукс и како да се модифицира неговата работа според потребите на проектната задача. Од кандидатите се бара да имаат основно искуство во користење на Линукс оперативниот систем од корисничка гледна страна (да го користеле овој оперативен систем) и основно познавање на програмскиот јазик С.

Што се случува по завршувањето на програмата?
По завршување на програмата сите учесници ќе бидат кандидати за вработување на дивизијата за вгнездени технологии во Сеавус каде ќе продолжат со понатамошно продлабочување на нивните познавања со кои се стекнале во текот на тренингот. Учесниците кои нема да влезат во првата селекција, остануваат потенцијални кандидати за вработување на следните повици или, доколку се студенти, добиваат можност да работат на практични проекти/семинарски трудови со колегите од Сеавус.

Колку кандидати просечно се вработуваат преку “Embedded” талент програмата?
Секако оваа бројка зависи од поголем број на фактори, но досегашното искуство покажува дека од секоја програма се вработуваат од 2 до 4 кандидати во првата селекција. Гледајќи колку од кандидатите се вработени во текот на сите фази од селекциониот процес, може слободно да кажеме дека се вработуваат просечно по 4 кандидати кои подоцна се градат во експерти за напредни вгнездени технологии и работат на проекти за познати светски компании.

Кои задачи најмногу им се допаднале на кандидатите до сега?
Задволоство ми е да споделам дека кандидатите најчесто се интересираат за решавање на најкомплексните задачи кои им се дадени во изборната листа. Ова покажува дека сеуште е висок квалитетот на образованието во Македонија и дека, покрај добрите технички вештини, факултетите градат инженери кои не се плашат од предизвици. Тематски гледано, најчесто се одбираат задачи кои се поврзани со практични имплементации кои даваат резултати за проблеми поврзани со секојдневието: следење на квалитет на воздух, мерење на различни параметри од околината, комуникација на уреди преку различни интерфејси и слично.

Што може да очекуваме од овогодинешната “Embedded” Талент Програма?
Како и претходните години, идејата е кандидатите да поминат квалитетно време заедно со нашите експерти, време во кое тие ќе можат да учат и прашуваат што ги интересира. Иако темата е веќе дефинирана, како и секогаш менторите се достапни и за дискусии кои не се тесно поврзани со темата на овој настан, но се теми за кои имаме познавање. Кандидатите во текот на овој настан ќе се стеканат со знаење кое, на страна од оваа талент програма, се добива со исклучително скапи тренинзи кои се движат во рамките на 5-7000ЕУР и практично искуство кое не се нуди на други места.

На кој начин може заинтересираните да аплицираат за талент програмата?
Кандидатите може да аплицираат преку кариерната страна на Сеавус, најдоцна до 15.11.2017: http://career.seavus.com/job-opportunities/job/embedded-talent-program