Љупка Димова, директор на курсевите во Францускиот институт: Учете француски на иновативен и забавен начин!

Љупка Димова, директор на курсевите во Францускиот институт: Учете француски на иновативен и забавен начин!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако некоја културна институција има богата традиција на дејствување во земјава, тоа сигурно е Францускиот институт во Скопје. Повеќе од четири децении оваа културна институција е сврталиште на сите вљубеници во милозвучниот француски јазик, кој се изучува преку пишан збор, филм, музика и сите други форми на уметничко изразување. Токму годинава Францускиот институт прославува 20 години од организирањето настава на француски јазик.
Разговараме со Љупка Димова, аташе за француски јазик и директорка на курсевите во Францускиот институт. Од вчера, па во наредните две недели Францускиот институт ве очекува во нивните простории за да ве информира за многуте курсеви за изучување на францускиот јазик што ги нуди од најмала возраст - од 3 години па нагоре.

Димова: Да се учи француски јазик во Францускиот институт значи да се живее и размислува на француски

Кои се најважните придобивки што некој што сака да учи француски јазик би ги добил доколку одлучи да го избере Францускиот институт?

- Францускиот институт во Скопје е најстарата странска активна културна институција во Македонија (отворена во 1974 година) и е дел од меѓународна мрежа на француски институти присутни во над 150 земји во светот и раководена од Францускиот институт во Париз. Францускиот институт покрива повеќе области на дејствување: За да ви ги отвори портите на Франција, на Европа и на петте континенти, во текот на целата година Францускиот институт во Скопје нуди разновидна културна програма, со особен акцент на францускиот филм, современите уметнички форми и дебатите на идеи.

Францускиот институт нуди пристап до најразновидни материјали на француски јазик, филмови во ДВД-формат, музика на ЦД, книги, списанија и весници за позајмување преку својата медијатека, но исто така и пристап до електронски ресурси, достапни од вашиот дом преку дигиталната медијатека Culturethèque.
Францускиот институт во Скопје и „Кампус Франс“ стојат на располагање за да ви ги дадат неопходните информации врзани за можностите за студирање во Франција, универзитетската соработка, како и за програмите за стипендии.

Францускиот институт во Скопје како највисок приоритет го поставува изучувањето на францускиот јазик во училишните, универзитетските и професионалните средини. Францускиот јазик ви овозможува пристап до широкото франкофонско пространство и, покрај англискиот, тој е дополнителен адут за успешна професионалната иднина.
Затоа, часовите по француски јазик во Францускиот институт освен што се засновани врз ефикасна педагогија и најмодерни инструменти за комуникација, како и водени од високостручен педагошки тим, овозможуваат пристап до сите погореспоменати содржини за кои со гордост можеме да тврдиме дека го позиционираат Францускиот институт како референтно место за изучување на францускиот јазик во Македонија.


Каков кадар ја води програмата за изучување на францускиот јазик? Дали посетува обуки за следење на светските стандарди во оваа дејност?

- Часовите ги одржува стручен и искусен педагошки тим кој користи најмодерна технологија во наставата, како интерактивни табли, компјутери и интернет. Професорите следат континуирана педагошка обука со цел постојано да се усовршува квалитетот во наставата и подобро да се одговори на барањата на кандидатите.
Наставата се заснова на комуникација и активен пристап, со посебен акцент на размените и комуникацијата помеѓу изучувачите на часот, откривајќи им ја истовремено француската актуелност и култура. Изучувачите имаат на располагање и посебна интернет-алатка која им овозможува да ја продолжат работата после часот, да ги продлабочат своите вештини и да ги прошират знаењата.

Францускиот институт во Скопје и неговиот педагошки тим предлагаат разновиден начин на изучување на францускиот јазик, приспособен на потребите и мотивацијата на сите кандидати.
Почнувајќи од забавните активности за децата, па до подготовката за добивање сертификати за влез на универзитетите, преку изучување на јазикот од професионални потреби и изучување по сопствена иницијатива, без да се заобиколат задоволството при конверзацијата за време на часовите и отвореноста кон светот, Францускиот институт е отворен за сите заинтересирани кандидати и за сите потреби.
Нивоата се усогласени со јазичните нивоа на Советот на Европа (од А1 до Ц2). Часовите можат да се одвиваат во група или индивидуално, според барањето на изучувачите.
Да се учи француски јазик во Францускиот институт во Скопје, значи да се живее и размислува на француски!


Кои возрасни групи ги опфаќаат вашите курсеви? Во која група реално има најголем интерес?

- Курсевите во Францускиот институт се наменети за сите возрасти, јазични нивоа и потреби. Така, францускиот јазик се изучува од најмала возраст, од 3 години преку ателјеата за иницијација кон францускиот јазик, школските групи (основци и средношколци) претставуваат 50% од вкупниот број запишани ученици, додека возрасните групи ги сочинуваат студенти, професионалци и возрасни лица кои го изучуваат францускиот јазик со различна мотивација (лична, професионална и универзитетска).

Освен курсевите по општ француски јазик, се организираат часови по специјализиран француски јазик во разни домени (право, бизнис, туризам, итн.), часови по конверзација, работилници за школска публика (креативни и едукативни работилници, театар) и студенти (подготовка за полагање меѓународен испит, филм, пишување CV и писмо за мотивација, итн.).

Секако, редовните курсеви што се oдржуваат во текот на целата школска година предизвикуваат најголем интерес зашто изучувањето странски јазик бара инвестиција во време, но последните години посебен интерес предизвикаа и креативните работилници за деца и едукативните работилници во Музејот на современата уметност, кои овозможуваат практикување на францускиот јазик и развивање креативни вештини.

Од 6 до 17 ноември вршиме уписи за зимска сесија часови и би сакала да ги поканам сите заинтересирани кандидати да го посетат Францускиот институт, нашата добро подготвена работна екипа ќе ве пречека за да ви помогне во изборот на богатата понуда на часови и работилници наменети за најразновидна публика, она што најмногу ќе одговара на вашите потреби и очекувања.


Каде е местото на францускиот јазик во последната деценија? Задоволни ли сте од интересот за изучување на јазикот во Македонија?

- Со воведувањето на англискиот јазик како прв задолжителен странски јазик од прво одделение од 2006 година францускиот јазик во македонскиот образовен систем се изучува како втор странски јазик почнувајќи од шесто одделение. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во 2016/2017 година францускиот јазик го изучувале 37.324 ученици во основното образование како втор странски јазик или 45% од вкупниот број ученици што изучуваат втор странски јазик, што претставува навистина солидна бројка.

Во средното образование францускиот јазик се изучува како прв, втор или факултативен странски јазик. Така, во 2016/2017 година 800 ученици го изучувале како прв странски јазик, 16.311 ученици како втор и 75 ученици како факултативен. Францускиот јазик е присутен исто така и на државните и на приватните универзитети во Македонија.
Освен тоа, во средното образование, во седум средни училишта (Скопје, Неготино, Куманово, Битола и Тетово) функционираат франкофонски билингвални паралелки кои нудат поинтензивно изучување на францускиот јазик и изучување на други наставни предмети (физика, хемија, географија, историја, математика) на француски јазик. Две од овие училишта („Орце Николов“ од Скопје и „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино) се стекнаа со брендот „ЛабелФрансЕдукасион“, кој го издава француското министерство за надворешни работи и кој сведочи за одличност и квалитет во образованието. Овие училишта се и испитни центри за полагање на меѓународно признатите дипломи за француски јазик, дипломите ДЕЛФ, кои ги издава француското министерство за образование.


Неколку основни училишта спроведуваат програма за сензибилизација кон францускиот јазик од прво одделение.
Во Францускиот институт секоја година околу 600 ученици на различна возраст го изучуваат францускиот јазик и годишно се реализираат околу 3.500 часа. Државната администрација исто така се обучува на француски јазик. Бројот на кандидати што секоја година полагаат меѓународно признати дипломи за француски јазик, ДЕЛФ и ДАЛФ, се зголемува, така во 2017 г. овие испити ги полагаа 413 кандидати, или за 21% повеќе од 2016.
Оваа учебна година Францускиот институт прославува 20 години од организирањето настава по француски јазик.
Француската мрежа во Македонија ја сочинуваат и Француската алијанса во Битола и во Тетово, каде што може да се изучува француски јазик.