Седмата страна на коцката

Седмата страна на коцката



Колумна на Виктор Ефтимов

Ги гледам моиве врсници денес како постојано ги дават со политика дури ги препливуваат академските води, до едно мало парче земја, повторно преплавено од политика. Брановите неуморно удираат врз снагата, ама пливачите одамна ја закорениле изнемоштеноста, та некако успеваат да стигнат до брегот. А таму, сè уште се чувствува некогашниот мирис на јадрански острови што ти навира длабоко во алвеолите, додека пробуваш по долго време, а можеби и првпат во твоето постоење да застанеш на тлото, да го исправиш телото и да зачекориш со крената глава; и сфаќаш дека си прекриен во кал до коленици (од поплавата).

Но, штом си навикнал на водата и кожата ги присвоила браздите како свои, тогаш ќе навикнеш и на калта, наместо да пробуваш да излезеш од неа или, пак, да ја замениш со некоја поплодна подлога, на начин на кој се обидуваат грото мои врсници, предци и потомци – преку коцка.

Велат, постојат само два начини да се збогатиш од коцка, едниот е да не се коцкаш, а другиот е да поседуваш коцкарница. Токму затоа, ќе си дозволам да ја прогласам коцката за најапсурдниот порок што човек себеси си го дозволува, и кој, воедно, прерасна во цивилизиран начин на дерење кожа. Меѓутоа, тоа и не е толку едноставно како што изгледа. Впрочем, станува збор за страст, за пасија, „за нешто што во своето првобитно значење подразбира мака и страдање за апстрактни и трансцеденти вредности“ (Д. Крстиќ). Притоа, математичката веројатност дека токму вашите броеви ќе бидат извлечени на лото донекаде говори за самата таа апстрактност.

Од друга страна, мотивот за лесно богатење е највлијателен сам по себе, барем овде во калта, каде што принципот „леб и игри“ (во ситуација кога се нема ни за леб) одамна не важи. Еднаш еден човек, кој има нималку скромно карташко искуство, ми укажа дека доколку коцката ти навлезе во крвта, таа ќе те распарчи однатре како сечило. Не постои коцкар што барем еднаш не се „изгорел“, како што не постои ни добивка која вистинскиот коцкар би можела да го откаже од коцкањето. Тој не се коцка за добивка, ами за да игра, поточно за да биде во играта – на што е подготвен да даде сè што има; а ако нешто и добие, тогаш тоа е чист ќар.

Но, сликата и не е толку црна. Да не постоеше коцкањето, никогаш немаше да бидат напишани врвни романи, песни, книги; никогаш немаше да бидат снимени многу филмови примамливи за окото и свеста; никогаш немаше да бидат одглумени низа драми и театарски претстави; многу уметнички слики ќе останеа ненасликани, а и многу будни ноќи ќе станеа виновници за калта.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.