Училишните психолози за три години имале речиси 40 илјади советувања на ученици и родители

Училишните психолози за три години имале речиси 40 илјади советувања на ученици и родители

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска



Повеќе од 2.000 советувања на стручните служби во основните и средните училишта во земјава, во последните три години, биле поради несоодветно однесување на учениците. Дури 300 случаи завршиле во центрите за социјална работа бидејќи во училиштата не можеле да се справат со нив. Кога нема да помогне советувањето од педагог и психолог и ученикот ќе почне да добива дисциплински постапки, родителот се испраќа за помош во Центар за социјална работа. Вкупниот број на советувањата на родители и ученици за три години е речиси 40 илјади, што значи дека психолозите имале полни раце работа.

Со новите технологии врсничкото насилство добива поинаква форма

Тепачки, психолошко и физичко врсничко насилство се само дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат стручните служби во училиштата. Последниот случај, за кој пишуваше Факултети.мк, а во кој ученичка била изложена на сериозно малтретирање од страна на соученици кои залепиле нејзини фотографии во костим за капење во самото училиште ја згрози и јавноста. Таканаречениот булинг оди дотаму што децата денеска не се малтретирани од страна на другите соученици само на училиште, туку агонијата продолжува и на социјалните мрежи. Со помош на новите технологии врсничкото насилство добива поинаква форма, но последиците се исти.
- Таканаречениот сајбер-булинг е насилство кое се врши со употреба на технологијата, преку разни комуникациски алатки меѓу кои се и социјалните мрежи. Апсолутно може да се користат во негативни цели и да станат опасни, но треба да се знае дека независно дали булингот е во училиште или е преку технологијата, ефектите се исти. Негативните специфики на сајбер-булингот се: достапнoста 24/7, можноста да се објавуваат анонимни постови од скриени профили, да се споделуваат дискредитирачки слики, видеа и информации за многу кратко време до огромен број луѓе, да се испраќаат вознемирувачки пораки итн. Децата што се изложени на врсничко насилство во училиште најчесто се изложени и на сајбер-булинг, а тој пак е форма на булинг која децата малку потешко ја избегнуваат - вели психологот Ивана Хаџиванова.

Кај психолог најмногу се оди поради единици

Од Министерството за образование и наука ни ги доставија податоците за проектот „Советување на родители – родителска школа“, за чија имплементација надлежна е Педагошката служба.

Во учебната 2014/15 година имало вкупно 18.593 посети кај психолог или педагог од страна на родител и на деца, од кои 11 илјади во средните, а 7.763 во основните училишта. Најголем дел од советувањата се поради намален успех во учењето, потоа нередовно посетување на наставата, па несоодветно однесување во училиште.

Во учебната 2015/16 година имало 15.111 советувања, а за лани има податоци само за првото полугодие и имало 5.176 посети.





Од МОН потенцираат дека вкупните бројки значат број на советувања, а не број на родители и ученици што биле на советување.
- Во многу случаи има повторувања - еден ист родител, односно ученик неколку пати е повикуван на средби и разговори со психолошко-педагошките служби во училиштето – велат од МОН.

Проблемите да не се кријат под тепих

Како со ова се справуваат стручните служби во училиштата, дали имаат добри услови за работа, како им пристапуваат на проблемите и како ги надминуваат, за да нема последици врз психичкото здравје на децата? Ова се прашањата што главно ги мачат родителите. Малтретираното дете во многу случаи мора да се врати меѓу насилниците, да учи во истото одделение или клас.

Училишните психолози велат дека се справуваат добро со врсничкото насилство и дека постојат стандардизирани советувања. Виолета Митровска, училиштен психолог во Основното училиште „Стив Наумов“ во Битола, вели дека најважно за советувањата на децата е да се почне со смирен разговор.

- Само преку разговор, смирено, може да се најде сржта на проблемот, а потоа и решението. Децата се расправаат, се караат, за среќа, не сум имала посериозен инцидент во кариерата, па да не можам да се справам. Важно е проблемите да не се кријат под тепих, да се зборува отворено за нив и да се вклучат и родителите – вели Митровска.

Таа работи со деца повеќе од 20 години и кога ја замоливме да ни направи споредба меѓу учениците денеска и некогаш, вели дека се навистина поинакви. Голема заслуга за тоа имаат и мобилните телефони, кои Митровска кога би можела, целосно би ги забранила во училиште.
- Денеска децата повеќе молчат, повлечени се, не комуницираат очи в очи, полесно им е да напишат порака на мобилниот телефон. Изговорот на родителите за носењето мобилен во школо е дека така знаат каде им се децата, достапни им се во секое време. Но, кога ќе се јави проблем, тие реално не знаат каде им се децата, односно недостапни им се – вели Митровска.