„Гугл“ ќе ги обележува загадените места

„Гугл“ ќе ги обележува загадените места

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Гугл“ презема уште една иницијатива чија цел е да ја зголеми свеста за значењето на заштитата на животната средина. Компанијата соработува со фирмата „Аклима“ за да го мери аерозагадувањето во Калифорнија и да ги обележи загадените места на својата платформа „Земја“.

фото извор: YouTube/screenshoot

Двете компании ќе објават податоци за квалитетот на воздухот во регионот на Сан Франциско, Лос Анџелес и Централ Вали. За таа цел, компаниите покриваат околу 161.000 километри и над 4.000 часа користење на „Гугл стрит вју“. Со овие податоци научниците ќе можат да им помагаат на локалните организации, владите и регулаторите за идентификување решенија за подобрување на квалитетот на воздухот и за справување со загаденоста. За да имаат пристап до информациите, научниците само ќе треба да пополнат одреден формулар.



Ваква слична соработка оствариле и компаниите „Маунтејн вју“ и Фондот за заштита на животната средина со Универзитетот од Тексас. Резултатот од соработката бил интерактивна мапа која ги покажува контаминираните региони, каде што загадувањето е на високо ниво.