Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Проф. д-р Марина Стефова: Со „Ноември - месец на науката“ на интересен начин им ги приближуваме природните науки на учениците

 
Сметавме дека овој простор соодветствува за сите предвидени активности: од капацитетот на големиот хемиски амфитеатар (220 места) и предавалните, преку пространите холови на трите ката идеални како простор за изложба на демонстрации, па сè до лабораториите, со сите услови и потребни дигестори за некои од експериментите при кои се ослободуваат пареа и чад. Годинава сè ќе биде на едно место: Институтот за хемија, ПМФ, Скопје!, вели проф. Стефова

Хемичарите се годинава домаќини на манифестацијата

Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје в сабота ќе ги отвори вратите за учениците, наставниците и за сите вљубеници во науката во рамките на манифестацијата „Ноември – месец на науката“. И така ќе биде секој викенд во ноември. Институтот ќе ги отвори сите предавални, лаборатории, ходници за сите пријавени ученици и наставници на манифестацијата, а другите заинтересирани ќе можат да видат што се случува во термините од 14 до 16 часот.
„Ноември – месец на науката“ се одржува вторпат. Годинава координатор на активноста е Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), односно проф. д-р Марина Стефова и доц. д-р Марина Стојановска. Проф. Стефова воедно е раководител на Институтот за хемија при ПМФ и раководи со секцијата за хемиско образование при СХТМ.


Проф. д-р Марина Стефова

- Во програмата има научно-популарни предавања на интересни теми од природни науки и математика, учениците ќе демонстрираат, ќе има работилници од природни науки и математика, презентации од наставници чија цел е меѓусебна размена на искуства и идеи за успешна реализација на наставата, за најуспешните ќе има награди – објаснува Стефова.
Настаните се поделени во три викенди според возраста на учениците. Првата сабота (11 ноември) е наменета за ученици од прво до шесто одделение. Следниот викенд е наменет за повисоките одделенија – 18 ноември за основците од седмо и осмо, а 19 ноември – за деветоодделенците. Последниот викенд е за средношколците - 25 ноември за учениците од прва и од втора година, а 26 ноември – за трета и четврта година.
Покрај СХТМ, во организацијата се вклучени Македонското биолошко друштво, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Македонското географско друштво, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското еколошко друштво, Истражувачкото друштво на студенти биолози и Природно-математичкиот факултет.

Биологија, физика, хемија, географија и математика

На настанот ќе бидат застапени активности од областа на биологија, физика, хемија, географија и математика.
- Целта е да се поттикне интересот на учениците кон овие науки на еден поинаков начин - преку изведување експерименти и демонстрации. Учениците да научат да ѝ поставуваат „прашања на природата“ (како што вели Френсис Бејкон), таа да им одговара, а потоа тие да ги толкуваат одговорите, да објаснат зошто нешто се случува на одреден начин и да донесуваат заклучоци. Застапени се сите природни науки и математиката бидејќи тие се испреплетуваат и надополнуваат и учениците треба тоа да го уочат изведувајќи и набљудувајќи ги експериментите и демонстрациите – вели Стефова.
„Ноември – месец на науката“ првпат се организира лани, а за поголема популаризација дел од манифестацијата се одржа и во „Скопје сити мол“. Годинава сите активности ќе бидат на Институтот за хемија на ПМФ, кој ги отвора своите предавални и лаборатории за овој настан.


Од минатогодишното учество, учениците од скопското училиште „Ј. Х. Песталоци“

- Сметавме дека овој простор соодветствува за сите предвидени активности: од капацитетот на големиот хемиски амфитеатар (220 места) и предавалните, преку пространите холови на трите ката идеални како простор за изложба на демонстрации, па сè до лабораториите, со сите услови и потребни дигестори за некои од експериментите при кои се ослободуваат пареа и чад. Годинава сè ќе биде на едно место: Институтот за хемија, ПМФ, Скопје! – вели Стефова.
„Ноември – месец на науката“ е наменет првенствено за учениците и за наставниците како поттик да се побараат повеќе можности за практични активности со кои ќе се демонстрира материјалот што се изучува во природните науки и математиката.
- Со тоа ќе се развива природната љубопитност на децата. Тие ќе стекнат вештини за изведување експерименти, способност да ги забележуваат и толкуваат појавите, да донесуваат заклучоци и натаму да поставуваат нови прашања и проблеми. Сето ова ќе придонесе полесно да ги совладаат содржините од предметите од природните науки и математиката. Но, и да развиваат интерес и љубов кај учениците подлабоко да навлезат во нивните тајни и понатаму да ја пронајдат идната професија во области темелени на природните науки и математиката. Изложбата на демонстрации ќе се случува од 14 до 16 часот во секој од деновите на манифестацијата. И ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители, не само за регистрираните учесници на настанот. Тогаш секој може слободно да дојде и да ги види сите демонстрации што ги подготвиле учениците со нивните наставници – објаснува Стефова.

Пријавени се повеќе од 1.200 ученици и наставници

На прашањето каков е ефектот од минатогодишниот настан и дали се зголемува интересот на учениците за природните науки, таа одговара дека ако се суди според бројот на пријавени ученици и наставници, ефектот е одличен. Пријавени се повеќе од 1.200 ученици и наставници од сите категории (основно и средно образование) за демонстрации од сите области: биологија, физика, хемија, географија, математика и природни науки.


Натпревар по хемија на ПМФ

- Се обидуваме на различни начини да го зголемиме интересот на учениците за природните науки. Работиме вредно и упорно и како здруженија и како факултет, организираме вакви промотивни настани, државни натпревари по соодветните предмети, подготовка на ученици и настап на наши екипи на светските научни олимпијади, семинари за обука на наставници по соодветните предмети, хемиски спектакли итн. Сметаме дека сите овие активности долгорочно ќе вродат со плод, а еден скромен индикатор за напредокот е и поголемиот број запишани студенти на хемија оваа година – вели Стефова.
В сабота ќе се реализираат и работилници по математика и природни науки за пријавените ученици од прво до шесто одделение. Математичката работилница е организирана од Институтот за математика при ПМФ и на неа ќе бидат обработени неколку нестандардни теми. Учениците преку соодветни активности ќе бидат воведени во темите, насочувани да решаваат зададени проблеми, но и само да креираат нови, да истражуваат и да поврзуваат повеќе математички области.
 
Објавено на 10.11.2017 во категорија Наука
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Наука