Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Промените во светот што ги предизвикала нулата

 
Малите деца можат да разберат што значи зборот „ништо“, но концептот „нула“ е малку понапреден. Толку напреден, всушност, што до 1200 година бил сфатен само од најдобрите математичари во Европа. Ова е приказната за пронаоѓањето на нулата и како таа го променила светот.


Дури звучи невозможно тоа што античките луѓе не го имале концептот „нула“. Дури и животните го сфаќаат „ништото“. Но, постои голема разлика помеѓу празнината и нулата како математички концепт. Првите знаци на математичката нула може да се забележат во најраниот броен систем, креиран од Сумеријците. Прво користеле празен простор за да покажат вредност на ништо, а потоа станувало збунувачки, па користеле пар аголни клинови како место за празен простор. Но, тој симбол покажувал недостиг од број, а не самиот број по себе.

Вакви примери има и во други бројни системи, на пр., кај Маите и Вавилонците. Повеќето научници се согласуваат дека нулата како математички концепт потекнува од Индија. Најраното користење на симболот кој подоцна станува универзална нула доаѓа од ракописот Бакшали, трговски документ кој објаснува математички равенки за различни трансакции. Исто така, вклучувал и нула во форма на црна точка, а била карактеристична за Индија во 3 и 4 век. По неколку века симболот го користел легендарниот математички научник Брахмагупта. Во 7 век, напишал објаснување за тоа како функционира нулата: „Кога нула ќе му се додаде на број или ќе се одземе, бројот останува непроменет. Но број помножен со нула станува нула“. Исто така, напишал дека одземањето на позитивен број од нула резултира со негативен број, а одземањето на негативен број од нула дава позитивен.

Било само прашање на време кога другите култури ќе почнат да го препознаваат значењето. Кина и Арапскиот Полуостров биле првите, а во Арапскиот броен систем нулата го добила заоблениот изглед. Како што исламот се ширел во Африка, така се ширеле и математичките концепти.

Потоа се појавил проблем со Европејците. Кога Маврите ја освојувале Шпанија, тие со себе ја донеле и математиката, па оттука нулата дошла до Италија. Таму била веднаш забранета. Религиозните лидери од Европа го гледале ѓаволот во тој мал црн круг кој го поврзувале со исламот. Но, корисноста на бројката не престанала, а тоа добро го знаеле трговците. За среќа на европските математичари, ова табу не траело. Без нулата, Њутон и Лајбниц не би го смислиле калкулусот, а Декарт не би се занимавал со графикони.
 
Објавено на 10.11.2017 во категорија Наука
Подготвил: Маја Пероска / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Наука