Над Европа се појави радиоактивен облак, експертите се сомневаат во нуклеарна несреќа

Над Европа се појави радиоактивен облак, експертите се сомневаат во нуклеарна несреќа

Подготвил: Б.Б.


Оџаци од нуклеарна централа
(Фото: Pixabay)


Радиоактивниот облак што пред извесно време се појави над Европа, сугерира дека на крајот на септември се случила несреќа во никлеарните постројки во Русија или Казахстан, објави францускиот институт за нуклеарна безбедност ИРСН.

Тие ја отфрлаат можноста дека несреќата се случила во нуклеарен реактор и тврдат дека најверојатно настанала во место каде се третира нуклеарното гориво или во центар за нуклеарна медицина. Овој инцидент немал негативно влијание врз здравјето и животнатасредина во Европа, истакнува ИРСН.

Не може со точност да се одреди локацијата

Тој институт, техничка „рака“ на францускиот нуклеарен регулатор АСН, соопшти дека не може точно да ја определи локацијата која ослободува радиоактивен материјал, но врз база на метеоролошките обрасци најверојатното место на инцидентот се наоѓа јужно од Урал, односно меѓу тој планински венец и реката Волга. Тоа значи дека станува збор или за Русија или за Казахстан, нагласи функционер од институтот.

„Руските власти тврдат дека не знаат за некаква несреќа на нивна територија“, изјави за „Ројтерс“ директорот на ИСРН, Жан-Марк Пере. Тој додаде дека сè уште не ги контактирале властите во Казахстан.

Портпаролката на руското министерство за вонредни ситуации е недостапна

Портпаролката на руското министерство за вонредни ситуации не била достапна за коментар, како ни властите во Астана или казахстанската амбасада во Москва.

Пере истакнува дека ИСРН и неколку други институции за нуклеарна безбедност во Европа во текот на минатите недели забележале високи нивоа на рутениум 106, радиоактивен нуклид кој е производ од цепењето атоми во нуклеарен реактор, што не се случува во природата.

Мерењето на европските постројки покажало високи нивоа на рутениум во атмосферата на повеќето европски земји на почетокот од октомври, со константен пад од 6 октомври па натаму.

ИРСН проценува дека количината на ослободениот рутениум е голема и кога на пример би се случил инцидент со таква магнитуда во Франција, би била потребна итна евакуација на населението кое се наоѓа во радиус од неколку километри.

Исклучена е можноста да паднал некој сателит

Исто така се исклучува можноста дека можеби паднал некој сателит со напојување на рутениум, бидејќи е утврдено дека ниту еден сателит кој содржи рутениум не паднал на Земјата во тој период.