„Ефектот на среќа“ - филм за потрагата по ситните нешта што ни прават да се чувствуваме добро што сме живи

„Ефектот на среќа“ - филм за потрагата по ситните нешта што ни прават да се чувствуваме добро што сме живи

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Филмот го наметнува прашањето: Зошто мора да се случи трагедија за да сфатиме дека сме живи? Среќата не прави живи, таа е некаков момент, но како до тој момент? Заборавивме на малите ситни едноставни работи – вели актерот Сашко Коцев, кој игра една од главните улоги

Речиси половина од филмот „Ефектот на среќа“ по сценарио и во режија на Борјан Зафировски веќе е снимен на повеќе локации во Охрид и во Скопје. Медиумите денеска имаа можност да почувствуваат дел од атмосферата на филмот во студиото FX3X во Скопје.

Режисерот Борјан Зафировски и актерот Сашко Коцев

Нов современ филм кој допира во психологијата на човекот и вечната тема – што е среќата и знаеме ли да ја препознаеме и да ја живееме, од наредната пролет ќе се најде во нашите киносали. Ова е прв долгометражен филм за Зафировски, а продуцент е „Ново Македонско Видео“. Финансиран е од Агенцијата за филм на Република Македонија. Копродуценти се и Националниот центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово, што е реткост во филмскиот свет - за дебитантски филм да се поддржи од странски фондови, посочи продуцентот Сашо Пешев. Копродуценти се и „Њу Момент“,„Видео Хаус анимејшн“.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска. Во останатите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. На сценариото соработуваше и драматургот Дејан Дуковски. Директор на фотографијата е Димо Попов.


- Земајќи ја предвид универзалноста на приказната во која може да се пронајде секој човек како и квалитетот на производот околу кој уште од самиот старт не правиме никакви компромиси, веруваме дека ќе ни се отворат врати и за голем број на фестивали и кон интернационалниот пазар – истакнува продуцентот Сашо Пешев.
Буџетот на филмот ќе биде околу 500.000 евра.

На прашањето на факултети.мк дали идејата за овој филм е продолжување на неговиот краток филм кој беше дел од омнибус-филмот „Д Скопје“, Зафировски вели:

-Во „Боите на љубовта“ провејуваше идејата дека се што ќе замислиш, можеш и да оствариш. Овој филм ја третира истата таа тема, но во макроверзија. Актерите се многу битен момент во еден филм. После година дена не можев да го најдам машкиот лик, но се појави Дејана и таа ме убеди дека сосема легитимно може да го одигра тој филм – вели Зафировски.

Режисерот го пишувал ликот на Игор конкретно за Коцев.
-Тргнавме да бараме костим, како да изгледа Игор и најдовме фотографии од Курт Кобејн. Игор е скапаница, човек кој не сака ништо од материјалното, тој е само различен од другите. Еден ден заминува. Сака да почне од почетокот. Но, тешко е да избегате од себе. Филмот го наметнува прашањето: Зошто мора да се случи трагедија за да сфатиме дека сме живи? Се сетив на „Странецот“ во Ками, кога Мерсо го виде сонцето од прозорчето, тогаш сфати дека е жив. Среќата не прави живи, таа е некаков момент, но како до тој момент? Заборавивме на малите ситни едноставни работи – изјави Коцев.

Дејана Попоска ја толкува главната женска улога, Леа, студентка по психологија. Ова е прва голема улога за Попоска (20), која студира актерска игра на конзерваториумот „Жорж Бизе“ и трета година на драматургија на „Нова Сорбона“ во Париз.

Ана Стојановска толкува една од главните улоги

- Леа ми е блиска по возраст. Разговарав со неколку мои пријатели кои ми кажаа дека сите што се запишуваат на психилогија, тоа го прават за да си помогнат себе си. Беше симпатично кога и во самото сценарио професорот вели дека тие студенти си помогнале себеси. Леа има семејни проблеми, и се случува болест и се прашува што ќе прави со себе. Но, таа се менува во филмот и откако ќе сфати дека болест може да ти го промени животот и решава да и помогне на својата генерација преку среќата и наместо сите да ја тешат неа, таа ги теши другите. Леа е во секој од нас – рече Попоска.

Професорот по психологија го толкува актерот со огромно филмско искуство, Петар Арсовски.

- Јас сум професор по психологија кој во група студенти препознава млади луѓе кои тргнуваат во една битка за вистинските вредности кои се веќе заборавени. Тој препознава луѓе кои почнуваат битка, а тоа е борбата за среќа. Тој им посочува дека треба да се борат за нешто што е вистинска вредност, а тоа е среќата. Тој дури ги крши правилата на статутот на факултетот и застанува на нивна страна – вели Арсовски.
На сетот присуствуваше и Горјан Тозија, в.д директор на Агенцијата за филм.

- Возбуден сум што сум овде. Јас сум продуцент и ова е мојата природна средина а не канцеларијата. Агенцијата секогаш ќе помага на вака квалитетни дела. Тоа што јас сакам да го направам во Агенцијата, е токму оваа генерација што чувствуваме дека ни доаѓа, ширум да се отвориме кон тие млади таленти и ним да им ја дадеме шансата. Треба промени во начинот на размислување и третирање на филмот и да имаме правец какви филмови сакаме. Наскоро ќе имаме нов конкурс распишан и ќе имаат предност филмовите со современа тема. Сепак, и филм ако е современ и добар може да биде национален филм, а не само со историски теми, да ги сметаме за национални – категоричен е Тозија.

Снимањето на „Ефектот на среќа“ ќе продолжи и во следните 10-ина дена на различни локации во Скопје.
Како дел од активностите врзани со филмот „Ефектот на среќа“ на социјалните мрежи (Facebook, Instagram, Twitter) е отворен повик до сите заинтересирани да постираат видео или фотографија од тоа што ги прави среќни и притоа да го искористат хаштагот #TheHappinessEffect. Најдобрите видеа/фотографии ќе се појават во филмот режиран од Борјан Зафировски.