Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Отворено со Симон Цветановски: Живот во страв за инсулин

 


Јас сум Симон Цветановски од Скопје. Имам 20 години, и иако половина од нив ги живеам со дијабетес, имам нормален живот како и сите други луѓе. Ние, луѓето со дијабетес, не се разликуваме во ништо од другите, освен што се боцкаме со инсулин, лекот без кој не можеме да живееме, мериме гликемии, односно ниво на шеќер во крв пред и по секој оброк, гликолизиран хемоглобин и правиме детални прегледи (за очи, за бубрези). Вака за себе и за својата здравствена состојба почнува да раскажува овој студент по медицина од Скопје. За десетте години во кои се соочува со дијабетес научил како да живее со него, бидејќи тоа бара голема одговорност и дисциплина.

Животот на Симон би бил многу полесен и без секојдневен страв и стрес доколку во Македонија се реши проблемот со недостиг на инсулин, кој се јавува на периоди, а и кога луѓето со оваа болест би имале квалитетни апарати за мерење на гликемија. Неговиот страв и стрес го имаат и 40.000 Македонци што се на инсулин. Преостанатите околу 150.000 се лекуваат со таблетарна терапија. Дел од оние што примаат инсулин во текот на годинава се сомневаа во неговиот квалитет.

Нема пречка за спортување и за медицина

- Покрај работните обврски на Медицинскиот факултет во Штип, каде што студирам, многу сакам да спортувам. Дури и професионално се занимавав со спорт. Спортот помага за подобрување на состојбата на луѓето со дијабетес и во ниту еден случај тој не може да претставува пречка за да се спортува - вели Симон.

Почнал да се занимава со спорт уште на 11-годишна возраст. Вели дека со добро менаџирање и редовни контроли на гликемијата немал никаков проблем на ниту еден тренинг или на некој натпревар.

„Нема инсулин, дојдете за 2-3 дена“

Симон постојано нагласува дека тој и луѓето како него по ништо не се разликуваат од другите, но додава дека целото менаџирање на нивната состојба со дијабетесот и редовните контроли би биле многу полесни доколку не се соочуваат со проблеми од типот недостиг на инсулин и неквалитетни апарати за мерење на гликемија.

- Животот ни зависи од тие две работи. Кога гледаме каква е ситуацијата во понапредните европски земји, се прашуваме зошто не се преземаат какви било мерки и кај нас. Сега за сега сè се сведува на прием во институциите кои се надлежни за тоа, меѓутоа, ништо повеќе од тој прием и сослушување не се презема. Апаратите се од најголема важност за нас и тие во ниту еден случај не смеат да покажат погрешна вредност. Не се свесни во колку тешка ситуација нè ставаат - вели Симон.

Во Македонија, додава тој, е вообичаена практика да нема инсулин во инсулинските аптеки и сестрата едноставно да ти рече да дојдеш по 2-3 дена.

- Се прашува ли некој што ако во тие два-три дена лицето со дијабетес нема инсулин? Што треба да направи, а сите знаеме дека инсулин освен во инсулинска аптека на друго место не се добива, ниту може да се набави. Мора да се преземе нешто во врска со ова затоа што животот ни се скратува со неквалитетна терапија - апелира нашиот соговорник.

Дијабетесот и понатаму е табу

Симон е член Здружението за лица со дијабетес тип 1 „Алегрија“, кое брои многу членови и тие постојано контактираат со сите што имаат дијабетес и отворено зборуваат за нивната состојба и за сето она што треба да се направи за да им се олесни животот. Тој вели дека постојано прават напори да се решат еднаш-засекогаш таквите навидум ситни проблеми.

- Постојано работиме на подобрување на условите за живот на луѓето со дијабетес, правиме максимални напори, но мислам дека сето тоа е залудно и дека никој нема слух за нас како популација. Исто така, апелирам и за тоа дијабетесот веќе да не биде табу-тема. Луѓето мора да знаат со каков проблем се соочуваат оние што ја имаат оваа состојба, да нема никаква дискриминација, постојано да има телевизиски емисии во кои ќе се разговара со стручни лица и со луѓето што имаат искуство со дијабетесот. Тие ќе им го пренесат своето знаење и на лицата со дијабетес, но на тој начин и целата популација ќе се запознае со проблемот што го имаме - додава Симон.

Тој и неговите пријатели бараат македонските медиуми многу повеќе да се заинтересираат и да одвојат многу повеќе простор за дијабетесот, а особено за проблемите со кои се соочуваат луѓето со дијабетес бидејќи, како што вели, еднаш-засекогаш и што побрзо тие мора да се решат за да можат тој и големиот број луѓе како него да имаат полесен и подолг живот.

Надеж за решавање на проблемот

Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари во Македонија, на вчерашното обележувањето на Светскиот ден на дијабетесот изрази надеж дека работите ќе се одвиваат во подобар правец и дека нема да има недостиг од снабдувањето со терапија за пациентите.

- Последниве месеци се насочуваат правците кон подобрување на состојбите. Се надеваме дека во блиска иднина работите ќе се одвиваат во подобар правец - рече Киров.

Директорката на Клиниката за ендокринологија, д-р Саша Јовановска-Мишевска, истакна дека целта е да се подобри квалитетот на животот на луѓето со дијабетес и дека се потребни мерки за превенција од шеќерна болест. Годинава светскиот ден се обележува под мотото „Жените и дијабетесот - нашето право за здрава иднина“, па, како што рече д-р Јовановска-Мишевска, треба да се работи и на навременото откривање на дијабетесот во бременоста.

Заменик-министерот за здравство д-р Гоце Чакаровски, пак, изрази надеж дека ќе се разрешат недоразбирањата, како што кажа, за квалитетот на инсулинот и дека ќе се потрудат во иднина пациентите редовно да го добиваат.

Пандемија

Во Македонија годинава едно од девет возрасни лица има дијабетес. Има галопирачка пандемија на оваа болест, велат од здруженијата. Во 2017 година еден од единаесет возрасни од 20 до 79 години во светот има дијабетес, а се проценува дека до 2045 година секој десетти ќе се соочи со оваа болест. Дванаесет проценти од здравствените трошоците во светот се трошат за дијабетес (727 милијарди долари). Трошоците во Европа, пак, изнесуваат 166 милијарди долари.

Годинава во светот дијабетесот усмртил четири милиони луѓе.

Меѓународната федерација за дијабетес (IDF) годинава го издава осмото издание на Дијабетес-атласот, авторитативен извор на податоци за глобалната тежина на оваа болест. Според податоците од овој атлас за 2017 година, дијабетес имаат 425 милиони возрасни, едно од две возрасни лица не знаат дека имаат дијабетес (повеќе од 212 милиони луѓе), едно од шест раѓања (16,2 отсто) е засегнато од гестациски дијабетес (дијабетес во бременост), три четвртини (79 проценти) од лицата со дијабетес живеат во земји со ниски или средни примања и 1.106.500 деца и адолесценти (0-19 години) имаат дијабетес тип 1. Се проценува дека до 2045 година, едно од десет возрасни лица ќе има дијабетес (629 милиони), а здравствените трошоци за него ќе надминат 776 милијарди долари.

Зошто расте бројот на заболени?

Зголемената преваленција (процентот на луѓе зафатени со дијабетес во однос на вкупната популација) на дијабетес тип 2 (инсулинонезависен дијабетес) е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечкиот начин на живот, зголемената телесна тежина, недоволната физичка активност и поголемиот внес на нездрава храна.

Бројот на новооткриени случаи со дијабетес мелитус тип 1 (инсулинозависен дијабетес) во светот на годишно ниво изнесува 132.600.

Во светски рамки половина од луѓето со дијабетес се недијагностицирани, односно не знаат дека го имаат. Стапката на дијагностицирани случаи може да се подобри со зголемена свесност за симптомите за дијабетес тип 1 (жед, зголемено мокрење, замор, ненадејно губење на телесна тежина, глад) и зголемени можности за скрининг на лица со висок ризик. Дијабетес тип 2 поверојатно е да се јави кај луѓе во напредна возраст, со зголемена телесна тежина, при здравствени компликации, како и со ниско ниво на физичка активност и со нездрава исхрана.

Едно од шест раѓања во светот (16 отсто) е засегнато од дијабетес во бременост (гестациски дијабетес). Ризикот за гестациски дијабетес се зголемува со возраста на жената. Тој може да доведе до компликации во текот на раѓањето и за мајката и за детето и кај овие жени постои зголемен ризик понатаму во животот да развијат дијабетес тип 2.
 
Објавено на 15.11.2017 во категорија Здравје
Подготвил: Наташа З. / Лектор: Ивана Кузманоска
Тагови:
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Здравје