Промоција на вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста „Axios“

Промоција на вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста „Axios“

Овој петок, во Археолошкиот музеј на Македонија, јавно ќе биде промовиран вториот број на меѓународното студентско списание за археологија и историја на уметноста „Axios“, во издаваштво на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје, а потпомогнато од Министерството за култура на Република Македонија. Промоцијата ќе се оддржи во Конференциската сала при Археолошкиот музеј на Македонија, со почеток во 12 часот.



Вториот број на списанието е составен од петнаесет трудови во авторство на шеснаесет студенти кои доаѓаат од пет универзитети во три држави. За овој број, свои трудови приложија шест македонски студенти по археологија, историја на уметноста и историја од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, додека пак странските студенти, десет на број, кои го збогатија списанието со нивни трудови доаѓаат од Универзитетот од Белград, Универзитетот од Приморска (Копер) и Универзитетот од Љубљана. Текстовите опфаќаат широк дијапазон на теми од класична археолошка методологија, па до симболички анализи, доцноантичка уметност и музеологија.

Списанието има за цел да ја поттикнува активната истражувачка дејност на студентите кои го изучуваат културниот развиток на човечката цивилизација низ вековите, да ја поттикнува нивната меѓусебна соработка и да претставува медиум преку кој тие ќе можат да ги публикуваат своите први научни размислувања.

Списанието ќе биде достапно бесплатно во електронска форма на официјалниот веб-блог на САЗ „Аксиос“ (http://www.axiosskopje.wordpress.com/axios-journal/), на нивниот Academia.edu профил (http://www.worldrroma.academia.edu/AxiosSkopje), на Issuu (http://www.issuu.com/axiosjournal) и на Scribd (http://www.scribd.com/user/330002079/Axios-Skopje).