Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

„Животот никогаш не бил подобар - Добре дојдовте во 2030 година“

 
2030 година – сè што се смета за производ сега е услуга. Сè има пристап до транспорт, сместување, храна и сите работи што се потребни во секојдневието. Една по една, овие работи стануваат бесплатни.


Прво, комуникацијата се дигитализира и станува бесплатна за сите. Потоа, кога чистата енергија стана бесплатна, работите почнаа брзо да се движат. Цената на транспортот драстично опадна. Така, стана бесмислено да се поседуваат автомобили бидејќи јавниот транспорт стана полесен и побрз, се намали аерозагадувањето и нема сообраќаен метеж.

Не се плаќа кирија бидејќи некој друг го користи нашиот слободен простор кога нам не ни е потребен. Мојата дневна соба се користи за бизнис-состаноци кога не сум таму. Некогаш готвиме сами за себе. Лесно е бидејќи потребната опрема за кујна се доставува пред мојата врата за неколку минути. Бидејќи транспортот е бесплатен, немаме милион работи дома. Тоа што ни е потребно можеме да го нарачаме кога сакаме.

Кога производите се претворија во услуги, никој нема интерес за работи со краток животен век. Сè е дизајнирано да трае, да може да се поправи и да се рециклира. Сè може да биде претворено во нов продукт. Проблемите со животната средина изгледа како да ги нема бидејќи се користат само чиста енергија и чисти методи за производство. Воздухот е чист, водата е чиста и никој не се осмелува да ги допре заштитените региони од природата бидејќи тие имаат огромна вредност за нашата благосостојба. Во градовите има многу зеленило, растенија и дрвја.

Шопинг? Тоа веќе не постои. Речиси сите си избираат работи што ќе ги користат. Некогаш оваа активност е забавна, а некогаш тоа го прави алгоритам. Кога вештачката интелигенција и роботите преземаат најголем дел од нашата работа, имаме време да се храниме добро, да имаме квалитетен сон и да поминуваме време со другите луѓе. Работата што треба да ја сработиме можеме да ја завршиме во кое било време, па нема брзање. Сите нови технологии се користат за подобри цели отколку за убивање време.

Има и луѓе што сметаат дека ваквиот начин на живот е премногу, целата оваа технологија. Оние што се чувствуваат бескорисно кога роботите презедоа голем дел од нашата работа. Оние што се вознемируваат од политичкиот систем и се против него. Тие живеат различен живот – креирале и заедници, а други пак живеат во празни и напуштени куќи во малечки села.

Понекогаш е проблем приватноста бидејќи секаде каде што одиш мора да бидеш регистриран. Се знае дека некаде сè што се прави, мисли и сонува се снима. Сите се надеваат дека никој тоа нема да го искористи против нас.

Сè на сè, животот е добар. Подобар од порано, кога стана јасно дека не можеме да продолжиме со истиот модел на развој. Се случуваа катастрофални работи: болести, климатски промени, бегалски кризи, загадување на средината, на воздухот, на водата, невработеност. Изгубивме премногу луѓе уште пред да сфатиме дека можеме да функционираме поинаку.
 
Објавено на 15.11.2017 во категорија Технологија
Подготвил: Маја Пероска / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook