Роберт Мугабе - револуционерен херој или човек кој ја уништи својата земја?

Роберт Мугабе - револуционерен херој или човек кој ја уништи својата земја?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

мугабе
Фото: Reuters

Херојот на африканското ослободување, како што го нарекувале кога го укинал речиси стогодишното владеење на белците, претседателот Роберт Мугабе, се преобразил во карикатура на африкански деспот, кој 37 години се држел за власта не преземајќи ништо кога земјата потонала во хаос, сè до средата кога бил ставен во домашен притвор.

Изгледа дека го докрајчило тоа што во политичката битка за негов наследник ја поддржал неговата контроверзна сопруга Грејс, па така тоа било капката што ја прелила чашата на воените команданти кои дотогаш го држеле на власт.

Мугабе има 93 години, а во последните неколку години здравјето му било нарушено. Сепак, тоа не го спречило да најави кандидатура за уште едни претседателски избори наредната година.

Клучот за да се сфати личност како Роберт Мугабе лежи во герилската војна во 70-тите години кога тој се прославил. Во тој период Мугабе бил револуционерен јунак кој се борел против белците што биле на власт, за слободата на неговиот народ. Од таа причина многу африкански државници избегнувале да го критикуваат дури и кога ја одвел земјата во економска пропаст.

Откако Зимбабве стекнала економска независност во 1980 година, поголемиот дел од светот се оддалечил од тогашната реторика и се насочил на други теми, но не и Мугабе. Неговите непријатели и понатаму биле исти - злобниот капитализам и колонијализам. Сите оние што го критикувале биле предавници и продадени души.

За економските проблеми на неговата земја постојано ги обвинувал западните земји, на чело со Велика Британија, поранешен колонијален господар.

Сите други за овие проблеми го обвинувале токму него бидејќи воопшто не разбирал како функционира модерната економија и затоа што се фокусирал на тоа како да се распредели националното богатство наместо да се потруди да го зголеми.

Мугабе бил познат по изјавата дека државата не може да банкротира - теорија што одлучил да се обиде да ја примени на сопствената држава, која во 2008 година имала годишна инфлација од 231 милион отсто. Кога во 2000 година првпат бил соочен со силна опозиција, ја уништил некогашната најразновидна африканска економија само за да ја задржи политичката контрола. Тогаш ги конфискувал фармите на белците и ги избркал инвеститорите, но во политичка смисла Мугабе ги победил своите противници - останал на власт и ја применил тактиката на герилско војување.

Откако на референдум првпат доживеал изборен пораз, тој ја пуштил неговата паравојска, составена од воени ветерани, па изборната стратегија била мешавина од насилства и убиства. Сличен образец следувал и осум години подоцна кога Мугабе го изгубил првиот круг на претседателските избори.

Од друга страна, едно од неоспорните постигнувања на Мугабе било подоброто образование. Зимбабве неодамна имаше најголема стапка на писменост на населението во Африка - 90 отсто! Починатиот политичар Масипула Ситоле еднаш изјавил дека со подобрувањето на образованието претседателот „сам си копал гроб“.

Добитниците на овие реформи биле способни сами да ги анализираат проблемите на својата држава, а повеќето од нив за слабата вработеност и високите цени ги обвиниле владината корупција и лошото управување.

Многу жители на Зимбабве се прашуваат зошто нивниот претседател едноставно не се повлече и преостанатите години не ги помине со своето семејство. Неговата 40 години помлада сопруга Грејс открила дека нејзиниот сопруг се буди секој ден во 4 часот наутро за неговата дневна вежба.