Ќе се гради првиот пловен град на Пацификот!

Ќе се гради првиот пловен град на Пацификот!

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Проект: пловен град на Пацификот
(Фото: The Seasteading institute)


До 2020 година ќе биде изграден првиот пловен град во близина на брегот на Тахити, а во следните 30 години се планира изградба на уште илјадници вакви проекти – секој град со свој посебен начин на управување.

Околу 300 луѓе ќе се вселат на првиот пловен град во 2020 година, а идејата е граѓаните сами да управуваат со својот град, кој ќе има 11 платформи за домување, канцеларии и ресторани за постојаните жители.

Плановите се разработуваат, а градот ќе се наоѓа на 5000 милји оддалеченост од Австралија, во близината на брегот на Тахити. Проектот ќе чини околу 60 милиони долари, а ќе го изведува „The Seasteading Institute“ на чело со Џо Квирк.

„Кога би постоел град што плови на морската површина, тоа всушност би била стартап-држава. Можеме да направиме разни видови влади за поголема разновидност на населението“, изјави Квирк за „Њујорк тајмс“.

Неговите пловни структури би имале зелени покриви, би користеле локално достапно дрво, бамбус и кокосови влакна, а планираат и да рециклираат метал и пластика.

Основачите на овој проект нема да запрат на еден ваков „остров“ – целта им е да направат над 1.000 такви проекти. Сепак, на почетокот би соработувале со постојните влади за да им помогнат во реализацијата на оваа иницијатива.

„До 2050 година се надевам дека ќе има барем илјада вакви градови, секој со посебен начин на управување“, изјави Џо Квирк. Милијардерот Питер Тил вложил 1,7 милион долари во раната фаза на проектот, кој во меѓувреме сепак се оддалечил од оваа „приказна“. Тој во едно интервју изјавил дека целата работа не е изводлива од инженерски аспект и треба да се остави за некоја подалечна иднина.