Од годинава ќе имаме и последипломски студии за сајбер безбедност

Од годинава ќе имаме и последипломски студии за сајбер безбедност






Воената академија во Скопје, од оваа година ќе има последипломски студии за сајбер безбедност на кои што ќе бидат поканети да конкурираат луѓе од бизнис секторот, а ќе има и стипендии за администрацијата, најави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Таа посочи дека на државата ѝ е потребен кадар кој ќе специјализира на тема сајбер безбедност.
- Ние и Владата дадовме зелено светло за отварање на последипломски студии оваа година. Безбедноста одамна не е концепт кој припаѓа единствено на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи. Главните напади се напади на инфраструктурата која ја користат сите луѓе и дека за нејзина заштита потребна е синергија – рече Шеќеринска.

На вчерашната дебата„Политики за сајбер безбедност“, во Клубот за пратеници беше најавено дека различните институции кои што мораат да се подготват за зајакнување на сајбер – безбедноста на Македонија ќе настапуваат заеднички и нема да го гледаат прашањето за сајбер безбедноста како секторско прашање со кое секој се занимава од своја страна.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, истакна дека како земја- кандидат за членство во ЕУ, Македонија има обврска да го хармонизира своето национално законодавство со европското. Тој посочи неколку чекори како донесување на нов Закон за обезбедување на високо ниво на безбедност на мрежите и информациските системи, утврдување на листата на клучни оператори, поставување на законска обврска за тие да преземат мерки за управување со ризиците за безбедноста на нивните мрежи и системи.
- Потребно е да го размениме знаењето, да ги изградиме капацитетите и да ја подигнеме свеста за информациската безбедност - рече Манчевски.
Претставникот од Агенцијата за електронски комуникации Александар Ацев посочи дека според официјалните податоци, во периодот од јануари од октомври оваа година биле нападнати 328 македонски веб страници.