Со визии и трибини до подобро општество!
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Верзии и визии“ е темата на првата трибина што под поголемиот проект „Визионирај“ ќе биде организирана в сабота во 15 часот, во аулата на Филолошкиот факултет од Скопје. Идејата е на едно место да се соберат луѓе од различни интереси и бранши што сонуваат за подобра заедница.
Иницијатори се поетесата Ана Голејшка (иницијатор во #ретвитниоброк) и режисерот Милош Б. Андоновски (иницијатор за задолжителното воведување на театарската уметност како предмет во средните училишта).
На првата трибина со свои излагања ќе се претстават шест учесници.
Вања Штркова ќе зборува на тема „Дизајнот како визија во пракса“, Ана Тодоровска („Автономни зони: потрага по лична, љубовна, социјална слобода“), Мариглен Демири („Филозофија за затвореници“), Нена Минчев – „Нена Шема и РоБоТкО: Во недостиг на образовни емисии за деца“), проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска („Танцот во македонскиот образовен систем: состојби и перспективи“) и Катерина
Ангеловска на тема „Биди најдобра верзија од себе“.
Трибината се организира без буџет и волонтерски, а присутните можат да учествуваат и со свои дискусии. Целта е идеите да се стават во погон и да допрат до соодветните институции, велат од „Визионирај“.
Следната трибина се планира за февруари. На vizioniraj@gmail.com може да испраќате ваши идеи и предлози за дебата.