Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Научниците испратија порака до вонземна ѕвезда - дали е тоа паметен потег?

 
наука
Фото: Sónar Festival

Можеби ќе дознаеме за 25 години.

Астрономите одлучија да направат уште еден превентивен потег кога станува збор за контактирањето на вонземјаните - испратија порака за добредојде до соседниот систем на ѕвезди. Според нивните пресметки, може да добиеме порака назад во рок од 25 години.

Целта на пораката е ѕвездата на Лујтен, или „GJ 273“; црвено џуџе оддалечено околу 12,4 светлосни години, во соѕвездието „Мало Куче“. Една од неговите планети, „GJ 273b“ во моментов е еден од најдобрите кандидати за систем што содржи планети погодни за живот.

Според Меѓународната организација на вонземна интелигенција (METI), која стои зад емитувањето, шансите за одговор се минимални, но никогаш не се знае.

„Мислам дека тоа нема да се случи, меѓутоа, ако се случи, ќе биде добредојден исход“, изјави претседателот на организацијата, Даглас Вакок.

Преносот испратен минатиот месец од радиотелескопот во Тромсо, Норвешка, вклучува информации за нашата математика и геометрија, како и опис на тоа како функционираат радиобрановите и туторијал за тоа како го сметаме времето тука на Земјата.

Сè било спакувано заедно во бинарен систем со две наизменични фреквенции, пулсирајќи 125 пати во секунда.

„Операцијата е слична на создавање загатка“, изјави когнитивниот научник Мајк Матеса. „Се обидовме да го направиме колку што е можно поедноставно, но претставува вистински предизвик кога не можете да сe осврнете на ништо во вашата култура, туку само на науката“, додава тој.

Пораката била испратена речиси 43 години по пораката Арекибо, првиот обид на човештвото да започне разговор со живот на друго место во вселената. Обидот бил именуван по телескопот во Порторико, од кој била испратена пораката.

Меѓутоа, не сите се согласуваат дека идејата да се испрати порака во вселената е добра.

Стивен Хокинг е меѓу оние што тврдат дека само си предизвикуваме проблеми, и тоа е став што го делат многумина од институтот SETI (Search for Extraterrestrial Intelligence), организација од која произлегла МETI.

„98 отсто од астрономите и истражувачите од институтот, вклучувајќи ме и мене, сметаат дека оваа е потенцијално опасна и не многу добра идеја“, изјави Дан Вертимер, главен научник во SETI.

„Секоја цивилизација што би можела да допатува на Земјата за да ни наштети, може да ги собере нашите телевизиски и радиосигнали“, вели Вакок.

Какво и да е вашето размислување за оваа тема, сепак не мора да се грижиме за ништо цели 25 години.
 
Објавено на 20.11.2017 во категорија Наука
Подготвил: Тамара Гроздановски / Лектор: Ивана Кузманоска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook