Дизајнери од Полска и Русија најдобри на Скопје постер фестивал

Дизајнери од Полска и Русија најдобри на Скопје постер фестивал

Подготвил: С.Ѓ

Јакуб Собчак од Полска и Дарја Грекова од Русија се добитници на главните награди на Скопје постер фестивалот. Специјалната награда од жирито ја доби Шаро Лехофер од Унгарија, а специјалната награда за македонски плакат ја доби Анастасија Јовческа.

Комисијата за доделување на наградите беше составена од пет меѓународни членови: Алис Твемлоу (Велика Британија), Лекс Древински (Полска), Лех Мајевски (Полска), Свен Сориќ и Хрвоје Спудиќ од дуото „This Town Needs Posters“ (Хрватска), Лазе Трипков (Македонија). Претседател на жирито беше Реза Абедини (Иран).


Синоќа беше отворена изложба на дела од 20-ина учесници на работилници што се одржаа во рамките на јубилејното издание на фестивалот. Темата на конкурсот годинава беше „Вештачка реалност“, а на адреса на Скопје постер фестивалот пристигнаа плакати од седумдесетина земји.

На изложбата на стоте финалисти на 10. Скопје постер фестивал, што е отворена во Музејот на Град Скопје, учествуваат и четворица дизајнери од Македонија.