Французите преземаат радикален чекор поврзан со пушењето

Французите преземаат радикален чекор поврзан со пушењето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

пушење
Фото: Pixabay

Европската комисија ја поддржа идејата што неодамна беше воведена во Франција за забрана на пушењето во филмовите, за цигарите да бидат помалку привлечни.

„Европската комисија ги поздравува сите мерки во земјите во ЕУ што пушењето го прават помалку привлечно и го намалуваат бројот на корисници на цигарите, посебно меѓу младите“, изјави портпаролката на Европската комисија, Анка Падурару.

Француската министерка за здравство Агнес Бизен минатата недела, за време на дискусијата во Сенатот за поскапувањето на цигарите, изрази подготвеност да се преземат решителни мерки против пушењето и за неговата забрана во француските филмови.

Претходно сенаторката на социјалистите, Надин Греле Сертене, ги критикуваше француските режисери тврдејќи дека промовираат рекламирање на тутунот.

„Во 70 отсто од француските филмови постои барем една сцена во која некој пуши. Ова повеќе или помалку помага цигарите да се претстават како нешто вообичаено, дури и да се промовираат, и кај децата и кај адолесцентите“, изјави таа.

Министерката Бизен изјави дека во врска со ова прашање ќе разговара со министерот за култура во обид да се „денормализира“ сликата за тутунот во општеството.

„Не сфаќам зошто цигарите се толку важни во францускиот филм“, изјави таа.

Доминик Нген од Европската мрежа за превенција на пушењето и тутунот изјави дека ваквиот потег би бил голем чекор кон денормализацијата на пушењето, особено меѓу младите луѓе.

Од друга страна, директорот на групата за заштита на правата на пушачите во ЕУ, Гијом Периго, смета дека ваквата мерка претставува „проблематична“ цензура.

„Фактот дека цртаните филмови за деца немаат сцени со пушење е добра работа. Но филмовите наменети за постарата публика треба да бидат способни да го одразат вистинскиот живот. Во повеќето западни земји, вклучувајќи ја и Франција, помеѓу третина и четвртина од возрасната популација пуши“, вели Периго.

Тој праша дали во француските филмови треба да се забрани и појавувањето на дебелите луѓе. „Кој е следен на ред по пушачите?“, праша Периго.

Променетата директива на ЕУ за тутунски производи, која стапи во сила во мај 2016 година, воведе построга контрола на тутунот.