Првото тримесечје завршува, сѐ уште фалат учебници во основно

Првото тримесечје завршува, сѐ уште фалат учебници во основно

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонските ученици сѐ уште ги немаат сите потребни учебници за непречено одвивање на наставата во оваа учебна година. Родители се жалат дека нивните деца и на крајот од првото тримесечје не добиле учебници по сите предмети. И од Министерството за образование и наука признаваат дека се уочени системски недостатоци и дека за таа цел, формирана е работна група која работи на изготвување законски измени во делот на учебниците.


- Се разгледуваат сите прашања што значат подобрување на сегашниот систем за обезбедување бесплатни учебници во училиштата и отстранување на сите проблеми, како и воспоставувањето стандарди за учебниците – велат од ресорното министерство.

Учебниците во основното образование се пренесуваат од генерација на генерација. Некои деца добиваат учебници со искинати страници или се пред распаѓање.

- Според информациите што ги добивме од училиштата, беше согледано колку и од кои предмети недостигаат учебници. Пред почетокот на учебната година беа завршени тендерските постапки и беа дистрибуирани учебниците во училиштата. Од училиштата понекогаш доставуваат податоци кои се разликуваат од првично утврдената потреба, зашто на нив понекогаш им е непознат конечниот број на ученици, па потребно е да се направи приспособување на бројката на потребни учебници, а тоа предизвикува доцнење при дистрибуцијата на дополнителните учебници – објаснуваат од МОН.


Според педагошката служба во Министерството, во изминатите години по неколку предмети од различни одделенија воопшто не биле изработени учебници и тие предмети се изучувале без да постои учебник. Од МОН потенцираат дека најголем број предмети од шесто одделение требало да бидат обновени уште минатата година, но „тоа не било направено и тиражот не бил обновен по одредени предмети“.

- Одредени учебници по странски јазик не се обновени и доставени поради тоа што во тек беа жалбени постапки и спорови меѓу издавачки куќи околу тоа кој е овластен дистрибутер на учебникот. Некои од овие спорови се завршени, некои сè уште траат и тие учебници не можеме да ги откупиме додека не завршат овие постапки – потенцираат од прес-службата на Министерството за образование и наука.