„Ателје: Добро ми стои“ ја пренесува традицијата во 21 век

„Ателје: Добро ми стои“ ја пренесува традицијата во 21 век

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Дијана Тодоровски пет години создава филигрански накит во комбинација со други материјали

Секој човек ја негува својата имагинација на различен начин. Таа најчесто е производ на моментната инспирација и влијае врз создавањето уникатни нешта. Денес, кога сме презаситени од секакви видови „едно те исто“, насушна е потребата од нешто различно, интересно и убаво, а кое е истовремено креативно, имагинативно и занесно – вели Дијана Тодоровски, скопјанка која во последните пет години се занимава со изработка на накит од филигран.



Нејзините производи ги промовира под досетливото име „Ателје: Добро ми стои“ и тоа на „Фејсбук“.
- Претходно не сум се занимавала со нешто слично, освен ако се земе предвид периодот на детството кога најчесто девојчињата изработуваат некој накит. Јас сум дипломиран инженер агроном по овоштарство и лозарство и моето образование нема никаква врска со оваа страст. Самиот филигран ми е повеќе вовед кон изработки на накит од друг материјал. Филигранот е популарен кај нас и има голем интерес за изучување – вели Дијана.
Таа признава дека жените во Македонија сакаат накит и сакаaт да се дотеруваат.



- Македонската жена сака да е средена. Секогаш претпочита филигранско парче во комбинација со други посовремени украси и материјали. Генерално како нација не сакаме да плаќаме скапо за убави работи, ама има и луѓе што ја вреднуваат рачната изработка – вели Тодоровски.
Филигранот е форма која во Македонија не случајно го пронашла своето место. Таа во себе ги содржи источната мелодичност и западниот креативен момент, а убавината, секогаш се наоѓа точно онаму каде што двете спротивности се допираат, додава Тодоровски.



- Слушнав дека се организираат курсеви за изработка на филиграни и одлучив да се запишам. Отсекогаш сум мислела дека накитот што го гледам по продавниците е убав, но како нешто да недостига. Тоа што недостига е помалку или повеќе имагинација. Чувствувајќи дека можам да изработам дизајни и форми кои ќе го надополнат неисполнетиот простор на пазарот, почнав со изработка на филигрански накит. Во суштина, сакам нашата традиција да ја пренесам во 21 век - вели креативната скопјанка.

Таа додава:
- Сакам да ги изразам своите чувства, мисли и имагинација преку формите што ги произведувам и мислам дека можам да ја обезбедам онаа златна средина која можеби не е најдобра, ниту е најслаба, нo секако е моја лична и искрена.

Периодов Тодоровски е фокусирана на изложба на минијатурни 50-ина парчиња од игли, значки за на беретка или за марама, што ќе биде отворена на Земјоделскиот факултет, кој одбележува 70 години постоење.