Хрватска бара уште 17.000 работници од странство

Хрватска бара уште 17.000 работници од странство

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Градежни работници
(Фото: Pixabay)


Хрватското здружение на работодавци ја поддржува предлог-одлуката за утврдување годишна квота за вработување странци за календарската 2018 година.

Донесувањето на оваа одлука значително ќе го олесни вработувањето во стопанските гранки кои бележат висока експанзија, како што се градежништвото и туризмот.

Предложената квота изнесува вкупно 29.000 работни дозволи, од што за нови вработувања се 17.810, за продолжување на веќе издадени дозволи – 9.000, а 1.940 дозволи ќе се однесуваат на сезонски вработувања (1.400 во туризмот и 540 во земјоделство).

Иако задоволни со предложената квота, од Здружението предупредуваат дека сегашниот систем на квоти не е трајно решение, туку претставува мерка за „гасење пожар“ со која се настојува да се премости проблемот со недостигот од квалификувана работна сила.

На хрватскиот пазар на труд се евидентирани 180.000 невработени лица, но имајќи ја предвид нивната структура, тие не можат да ги задоволат потребите на стопанството, па затоа хрватските работодавци се принудени излезот да го бараат во работна сила однадвор.

Паралелно со реформите во образовниот систем би требало да се спроведат низа мерки кои во наредните години ќе овозможат потребите за работна сила да се задоволуваат со ангажирање домашни работници, тврдат од Хрватското здружение на работодавци.