Наталија Тасевска: За темите што ме погодуваа,  ми беше тешко да ги скријам фрустрацијата и лутината

Наталија Тасевска: За темите што ме погодуваа, ми беше тешко да ги скријам фрустрацијата и лутината

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Заврши натпреварот на колумнисти што Факултети.мк го организира во изминатите 12 недели. Петте автори секоја недела пишуваа свои размисли за актуелните случувања во земјава и во странство. Неделава, преку куси интервјуа, тие ќе раскажат како се справија со предизвикот, тешко ли беше да се следи темпото, каде сè бараа инспирација...



Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.

Како колумнист, учествувате во натпреварот кој траеше 12 недели. Што Ви беше најголем предизвик во пишувањето?
- Најголем предизвик ми беше изборот на тема за пишување затоа што има толку многу актуелни теми и милион работи во државава и во светот што можат да се критикуваат, анализираат и дискутираат.

Имавте ли проблем со инспирацијата? Размислувавте ли во некој момент да се откажете?
- Немав некој поголем проблем со инспирацијата, темите за пишување некако сами се наметнуваа од недела во недела, меѓутоа, понекогаш навистина не знаев за што да пишувам, што да одберам за да е доволно актуелно и интересно за читателите, а сепак некого да не навреди или повреди. Искрено, кога пишував за теми што мене лично ме погодуваа, ми беше тешко да ги скријам фрустрацијата и лутината насочени кон одговорните. За откажување, не размислував затоа што пишувањето како една различна активност настрана од сите факултетски и други обврски што ги имам отсекогаш ми причинувало и ми причинува задоволство.

Водејќи се од ова искуство, што би им препорачале на оние што не се јавно промовирани, а сакаат да пишуваат?
- Би им препорачала да пишуваат, да пишуваат кога можат и каде што можат дури и тоа никој да не го прочита, затоа што мислите изгледаат поинаку преточени на хартија, а сите проблеми се поинтересни кога малку ќе се исфилозофираат и испоетизираат.

Најчитани колумни на Наталија

1. За кого бијат камбаните
2. Два факултета, а ниту една работа
3. Измени во законот за заштита од пушењето не ни требаат

Сите колумни од Наталија можете да ги прочитате ТУКА